World News in Macedonian

Скопјанка чекала дете 37 години, го роди на 61

Жена од Скопје на 61 години роди здраво машко дете откако 37 години неуспешно се обидувала да остане трудна, објави директорката на Клиниката за гинекологија и акушерство (ГАК), Ирена Алексиоска Папестиев, на прес-конференција на 26 ноември. 


„Во светот на медицината повеќе не постојат граници, и медицината во  Македонија може да се мери со онаа во светот. Ова пациентка е прва која е останата бремена со сопствена јајце клетка што била замрзната, која добила ин - витро третман во нашата држава и целата бременост била следена во нашата држава, а породувањето е извршено на ГАК“, рече Алексиоска Папестиев. 


Бебето се вика Петар и заедно со мајката денеска се пуштени дома. Директорката на ГАК рече дека овие родители не се откажале од својот сон, не потклекнале на неуспесите, на притисоците од околината и на предрасудите со кои живееме.




Мајката имала богато акушерско минато - имала десет неуспешни ин-витро оплодувања и десет спонтано абортуси. Имала и три претходни гинеколошки интервенции од кои две во Белград, а една на ГАК во Скопје. Во текот на бременоста која била контролирана имала висок притисок и дијабетес, но на крајот сѐ поминало во најдобар ред.


Таткото има 65 години, е во пензија и рекол дека тој ќе се грижи за бебето. 


Во регионот, највозрасната жена која родила дете е од Србија, но со донирана јајце клетка. Во Индија има случај на прворотка и на над 70 години. 

Читайте на 123ru.net