World News in Macedonian

Израелската армија им забрани на жителите на Либан да се движат кон југ

На жителите на Либан им е забрането да се движат на југ во голем број села и нивната околина до понатамошно известување, изјави во петок (29 ноември) портпаролот на израелската армија Авичај Адраи.


Израел соопшти дека во четвртокот отворил оган кон, како што рече, „осомничените“ кои пристигнале со возила во неколку области во јужната зона, тврдејќи дека тоа е прекршување на прекинот на огнот со вооружената група Хезболах, поддржана од Иран, што стапи на сила во средата.


Пратеникот на Хезболах, Хасан Фадлала, пак го обвини Израел за прекршување на договорот.


„Израелскиот непријател ги напаѓа оние кои се враќаат во пограничните села“, изјави Фадлалах пред новинарите, додавајќи дека Израел го прекршува договорот.


Соединетите Држави го сметаат либанскиот Хезболах за терористичка организација, додека Европската Унија го стави на црната листа само нејзиното вооружено крило, но не и политичката партија што е претставена во либанскиот парламент.




Израелската војска, исто така, соопшти дека нејзините воздушни сили нападнале објект што го користел Хезболах за складирање на ракети со среден дострел во јужен Либан во четвртокот, што е прв таков напад откако прекинот на огнот стапи во сила.


Во објава на платформата X, Адраи ги повика либанските жители да не се враќаат во повеќе од 60 села на југ, велејќи дека секој што се движи по означената јужна линија „се става во ризик“.


Либанската армија исто така го обвини Израел дека неколку пати го прекршил примирјето во средата и четвртокот (27 и 28 ноември)


Размената на обвинувања ја истакна кревкоста на примирјето постигнато со посредство на САД и Франција за да се стави крај на конфликтот, кој се одвива паралелно со војната во Појасот Газа.




Примирјето трае 60 дена со надеж дека ќе има траен прекин на воените дејствија. Договорот стави крај на најсмртоносната конфронтација меѓу Израел и Хезболах во последните години. Меѓутоа, Израел продолжува да се бори во Појасот Газа против својот втор најголем непријател, палестинската милитантна група Хамас, која САД и ЕУ ја сметаат за терористичка организација.


Најмалку 3961 лице се убиени, а 16520 се повредени во израелските напади врз Либан од октомври 2023 година, објави на 28 ноември, либанското Министерство за здравство.


Четириесет и пет цивили загинаа во нападите на Хезболах на северот на Израел и на Голанската висорамнина, која е под израелска окупација. Најмалку 73 израелски војници загинаа во северен Израел, Голанската висорамнина и во борбите во јужен Либан, соопштија израелските власти.

Читайте на 123ru.net