World News in Macedonian

ДУИ ќе ја почитува одлуката на Стејт Депармент

Демократската унија за интеграција (ДУИ) на 10 декември соопшти дека ја почитува одлуката на американскиот Стејт департмент за воведување санкции против поранешниот заменик-претседател на Владата на Артан Груби и судијата на Апелацискиот суд Енвер Беџети поради нивна вмешаност во значителна корупција.



„Демократската Унија за Интеграција ја почитува одлуката на Стејт Департментот на САД. Како партија, остануваме посветени на стратешката соработка со Соединетите Американски Држави и на зајакнување на демократските вредности и транспарентноста“, стои во кусото соопштение на ДУИ.


Американската амбасадорката во Скопје, Анџела Агелер, на социјалната платформа Х, порано позната како Твитер, вчера напиша дека никој не е над законот.


„ Назначувањето на Артан Груби и Енвер Беџети е доказ дека политичкото мешање во судството не може и нема да се толерира. САД ќе продолжат да ги именуваат оние кои се вклучуваат во значителна корупција која ги поткопува демократските институции. Никој не е над законот, а одговорноста е суштинска за напредок,“ истакна Агелер.




Поранешниот вицепремиер Груби, кој е дел од раководството на ДУИ, синоќа, преку објава на социјалните мрежи изјави дека од медиумите дознал за одлуката на Стејт департментот, кој го стави на црната листа на САД.


„Како човек кој мојот јавен живот го посветив на заштита на западните демократски вредности и кој секогаш работев напорно за членството на земјата во НАТО и во Европската Унија, оваа одлука ме засега директно и лично. Ќе се ангажирам со сета своја посветеност и максимално, заедно со нашите пријатели и партнери, со кои ја споделувавме визијата и работевме низ годините за интеграција на земјата во евроатлантските структури, целосно да го обелиме ова прашање. Транспарентноста и посветеноста на демократските вредности и понатаму ќе бидат главен столб на секое мое дејствување“, напиша Груби.



Од ВМРО-ДПМНЕ оценија дека со ставањето на Груби на црната листа на САД, заедно со судијата Енвер Беџети, се докажало партизирањето на државата од страна на ДУИ.



„Енвер Беџети, судијата кој го држеше случајот за Мијалков во фиока, ја докажува партизираноста на судството. Судиите поддржани од Артан Груби и ДУИ, полека завршуваат на црната листа на САД, заедно со членови од ДУИ“, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.



Одлуката на Стејт департментот за ставање на нови лица од државава на црната листа ја поздрави и опозициската СДСМ и изрази очекување дека сите сомнежи за корупција мора да бидат истражени и санкционирани без компромис од страна на правосудните органи во земјава.



И од Алијансата за Албанците ја поздравија последната одлука на САД. Зијадин Села, лидерот на едното од крилата на Алијансата за Албанците, кој е во коалиција со ДУИ, ја поздрави одлуката на Стејт департментот за ставање на Груби и Беџети на црната листа на САД, ги повика да се повлечат од институционалниот и политичкиот живот, и да се соочат со обвиненијата.



Според соопштението на американскиот Стејт Департмент, Груби и Беџети примале мито со цел да ги поткопаат судските процеси поврзани со кривичната осуда на Сашо Мијалков, поранешен директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК).


Мијалков беше санкциониран во 2022 година за значителна корупција според Секцијата 7031(в) од Законот за надворешни операции и поврзани програми на Стејт департментот.



Покрај санкциите за Груби и Беџети, забрани за влез во САД се воведени и за членовите на нивните семејства.

Читайте на 123ru.net