World News

„Комити“ бараат смена на раководството на Вардар

Смена на актуелното раководство на Фудбалскиот клуб (ФК) Вардар побара Здружението за промоција на спортски активности „35 години Вардарци Скопје“ на прес-конференција на 20 ноември. Барањето за смена на раководството на Вардар доаѓа кратко време откако Турчинот Атила Бијен Јалили, име непознато за фудбалската светска јавност, стана нов доминантен сопственик на најтрофејниот македонски фудбалски клуб. 


Здружението ги застапува интересите на навивачката група „Комити“, навивачи на ФК Вардар.




 Новиот сопственик на клубот Атила Бижен Жалили, за извршен директор на Вардар го назначи Миленко Неделковски, додека за неизвршни членови во раководството се именувани Владо Петровски, Александар Кузмановски и Борче Крстовски-Илиоски.



Комити се незадоволни од односот на Миленко Неделковски кон нив. 



„Никогаш не сме кажале дека имаме стереотипи кон одредени личности, затоа што и ние се бориме со стереотипи цело време. Ние само сметаме дека Неделковски не е за тоа место во Вардар. Не е достоен да биде директор во Вардар. Ние стоиме зад тоа дека на чело на Вардар треба да биде човек кој не го поларизира општеството и не ги политизира нештата во фудбалот и спортот, туку човек кој обединува“, рече Милорад Миленковски од здружението „35 години Вардарци Скопје“.



Во договорот потпишан при предавањето на мнозинскиот (85  отсто) пакет на акции, Комити управувањето сепак му го доделија на новиот сопственик поради неизвесната финансиска состојба на ФК Вардар.




Министерот за спорт, Борко Ристовски, во интервју за Радио Слободна Европа (РСЕ) во октомври рече дека владата не се меша во Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) од каде во соопштение говореа за политички притисоци. 


РСЕ пишуваше дека Атила Бијен Јалили е претставен како бизнисмен од Унгарија и менаџер на тамошната фирма за производство на електрична енергија „Сол Сервисес“, компанија која е во сопственост на турскиот “Полат холдинг“. Поврзаноста на фирмите на „Полат холдинг“ упатуваат на тоа дека вистински сопственик е 71 годишниот турски милијардер Аднан Полат, поранешен претседател на „ФК Галатасарај“. Уште пред да ги купи „црвено- црните“, „Полат холдинг“ е присутен во Северна Македонија преку други бизниси. Компанија на „Полат холдинг“ поседува и две компании за производство на масло од канабис во Северна Македонија.


Повеќекратниот шампион „ФК Вардар“ помина низ големи премрежја во изминатите години, а една сезона испадна и од Првата македонска фудбалска лига. Неколку години сопственоста на клубот беше во рацете на Русинот Сергеј Самсоненко, кој во 2020 година го напушти ФК Вардар поради лоша финансиска кондиција. Подоцна, Самсоненко и неговата сопруга Ирина завршија и „црната листа“ на американското Министерство за финансии поради корупција. Пред да добие нов сопственик од Унгарија, со клубот управуваше навивачката група „Комити“.

Читайте на 123ru.net