World News

Владата ќе му позајми гориво на ЈСП од државните резерви

Градот Скопје ќе може да позајми дел од нафтените резерви на државата. Ваква одлука се донесе на денешната (21 ноември) вонредна владина седница, на која се расправаше за недостигот на енергенси за обавување на јавниот сообраќај на територијата на Град Скопје.


Како што велат од Владата, на седницата била констатирана лошата состојба и недостиг на гориво за потребите на Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП).


„Се донесе одлука со која се утврдува постоење на кризна состојба во снабдувањето со топлинска енергија на подрачјето на Град Скопје, заради недостиг на топлинска енергија, можноста за користење на алтернативно гориво и состојбите на пазарот на топлинска енергија. Со ова се овозможува да се позајмат на градот Скопје дел од нафтените резерви на државата“, стои во владиното соопштение.


Од Владата посочуваат и дека денеска, меѓудругото, Бирото за јавни набавки донело одлука со која се исполнети условите за спроведување на постапка со преговарање без објавување на оглас за да се скрати периодот за набавка на дериватот потребен на градот Скопје, како и дека, со ова, Владата го затвора прашањето со настаната потешкотија во работењето на градското претпријатие за јавен сообраќај.




Веќе втор ден на скопските улици сообраќаат по триесетина автобуси на градското сообраќајно претпријатие поради недостиг на нафта, а граѓаните со часови чекаат автобус.


Ова не е прв пат, скопјани да имаат проблем со јавниот превоз. Во февруари годинава, за прв пат Скопје остана цел ден без јавен превоз, затоа што вработените во ЈСП стапија во штрајк поради неисплатени плати. Претходно во 2022 година неколку дена штрајкуваа и приватните превозници затоа што градот со месеци не им исплаќаше за извршената услуга.


Арсовска стана градоначалничка со поддршка од сега владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Оваа партија има има мнозинство во Советот на Град Скопје. Откако им се разидоа патиштата уште во првата година од мандатот на Арсовска поради несогласување за пречистителната станица, сега меѓусебно се обвинуваат кој ги кочи проектите за да се нормализира јавниот превоз во Скопје.

Читайте на 123ru.net