World News

Укинат притворот на поранешниот српски министер Весиќ за несреќата во Нови Сад

Укинат е притворот на поранешниот министер за градежништво, транспорт и инфраструктура на Србија, Горан Весиќ, кој беше уапсен поради падот на настрешницата на железничката станица во Нови Сад од што загинаа 15 лица, соопшти денеска (27 ноември) Вишиот суд во Нови Сад.


„Вонистражниот совет на Вишиот суд во Нови Сад, одлучувајќи по жалбите на Вишото јавно обвинителство и бранителот на осомничениот, му го укина притворот на осомничениот Горан Весиќ. Имајќи ја предвид наредбата за истрагата, како и доказите доставени од Вишото јавно обвинителство во Нови Сад кои се дел списите на предметот, судот утврди дека засега не постои основано сомнение дека сторил тешко кривично дело против општата безбедност“, се вели во соопштението на Вишиот суд.




Според судот, јавниот обвинител досега не доставил докази кои укажуваат на постоење на основано сомнение за причинско-последична врска помеѓу дејствијата и пропустите на осомничениот Горан Весиќ со последиците што настанале.


„Советот оцени дека жалбените наводи на Вишото јавно обвинителство за постоење опасност од влијание врз сведоци и другите стравови се бесмислени, па му го прекина притворот на осомничениот Горан Весиќ и нареди тој веднаш да биде пуштен на слобода“, соопшти Вишиот суд во Нови Сад.


Весиќ, кој поднесе оставка по падот на настрешницата на железничката станица, беше уапсен на 21 ноември.


Под сомнение дека се одговорни за падот на настрешницата на железничката станица во Нови Сад, уапсени се уште 12 лица, меѓу кои и членката на кабинетот на Весиќ Анита Димоски, директорката на Инфраструктура железници Јелена Танасковиќ и нејзиниот претходник Небојша Шурлан.


Горан Весиќ и Небојша Шурлан поради здравствени проблеми од притвор беа пренесени на Институтот за кардиоваскуларни заболувања во Сремска Каменица.

Читайте на 123ru.net