World News

Приватните превозници и денеска не возат, се очекува одлука на вонредна седница на Советот

Приватните превозници и денеска(29 ноември) нема да возат низ скопските улици, но се надеваат дека од понеделник ќе се вклучат во сообраќај. По вчерашната средба со советниците на ВМРО-ДПМНЕ на која беше договорено на вонредна седница на Советот да биде донесена одлука за зголемување на цената за изминат километар од 70 на 100 денари, превозниците изјавија дека се откажуваат од блокадите што претходно ги најавија, оценувајќи го предлогот на ВМРО-ДПМНЕ како одличен.  


„Треба да направиме координација со нашите превозници, знаете дека финансиски ние сме исцрпени. Треба да видиме дали ќе ни се исплатат средствата, да видиме што ќе каже градот во однос на ова и откако ќе ја направиме консултацијата, ќе донесеме одлука од кога ќе почнеме да возиме. Се надевам дека од понеделик наместо блокади, ние ќе бидеме на скопските улици и ќе бидеме на сервис на градот Скопје“, изјави Јовица Зафировски како претставник на приватните превозници. 


Јавниот градски превоз вчера повторно се најде во фокус на јавноста откако приватните превозници најавија дека доколку не се исполни нивното барање за зголемување на цената за изминат километар, од понеделник ќе ги блокираат улиците. Тие ги исклучија автобусите од сообраќај во знак на револт поради тоа што нивното барање за зголемување на цената за изминат километар не се најде на дневен ред на седницата на Советот на Град Скопје. 


По преписките и меѓусебните обвинувања на градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска и претседавачот на Советот, Трајко Славески за тоа зошто оваа точка не се нашла на дневен ред на седница на Советот, вчера попладне се одржа средбата меѓу советниците на ВМРО-ДПМНЕ и приватните превозници.




Градоначалничката Арсовска во ваквиот потег гледа обиди за креирање на нова политички мотивирана криза поврзана со јавниот превоз во главниот град. Во соопштението испратено до јавноста, Арсовска наведе дека од нејзина страна како градоначалник веднаш е доставено мислење и дека се исполнети условите за оваа точка да се стави на дневен ред. 


На ова реагираше претседателот на Советот на Град Скопје, според кого градоначалничката Арсовска повторно лаже и манипулира со членовите на Советот и со македонската јавност.- Во случајов со лаги сака да се извлече од обврската до Совет на град Скопје да достави предлог-Одлука во врска со барањето на приватните превозници за зголемување на тарифата за изминат километар, во рамките на системот на јавен превоз на територијата на град Скопје, рече Славески.




Вонредна седница вчера побараа и советниците на Град Скопје од редовите на СДСМ. Според опозициската СДСМ, одговорноста за состојбата со јавниот превоз е директна вина на советниците на ВМРО-ДПМНЕ, за кои велат „во континуитет одбиваат да гласаат за набавка на нови еко автобуси“.


Проблемот со јавниот градски превоз кулминираше и минатата недела кога автобусите на Јавното сообраќајно претпријатие останаа без нафта откако беше поништена јавната набавка. Во сообраќај беа пуштени само 30-тина автобуси од кои 25 кои возат на природен гас и уште неколку кои имаат резерва на нафта. Со одлука на Владата беше одобрено од државните резерви да се отстапат 250 тони нафта кои според проценките треба да бидат доволни додека да се реализира новата јавна набавка за нафта.

Читайте на 123ru.net