World News

Обвинителството покрена истрага за четири лица за терористичка организација

Три лица од Гостивар и едно од Струга за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело Терористичка организација од чл.394-а од Казнениот законик се приведени во акција во струшкиот и гостиварскиот регион, потврди денеска (16 декември) Основното јавно обвинителство.


„Првоосомничениот, дваесет и едногодишен гостиварец, на почетокот на оваа година, создал и активно координирал терористичка организација/ќелија, во која членуваат останатите осомничени и други НН лица од државата и од странство. Организацијата со основи на идеолошката матрица на познатата терористичка организација ИСИС имала намера на изведување на терористички акт на цивилни-меки цели и јавни објекти. Првосомничениот во почетокот на 2024 година формирал повеќе групи на социјалната мрежа Телеграм каде што искажувал целосна подготвеност и намера за извршување на терористички напад, како и поттикнување на други лица за извршување на терористички напади во Европа. Во групите споделувал претходно набавен и преработен (преведен) пропаганден материјал на ИСИС, регрутирајќи нови членови, правејќи обиди за набавка на огнено оружје, како и споделувајќи упатства за изработка на импровизирани експлозивни направи кои што потоа ќе бидат искористени за извршување на терористички напади“, се наведува во соопштението од ОЈО.




Со оглед на кривичното дело што им се става на товар, околностите, како и фактот дека се исполнети условите за определување на мерката притвор, јавниот обвинител на судијата на претходна постапка при Основен кривичен суд Скопје денеска му предложи на осомничените да им биде определена мерка притвор во траење од 30 дена.


Полициската акција вчера ја потврди и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Тој рече дека полицијата има докази дека овие лица имале намера во иднина да организираат одредени несакани настани кои би можеле да ја загрозат безбедноста како на Македонија, така и на други држави. Нивната цел, како што рече, била да индоктринираат останати луѓе од Балканот кои би можеле да делуваат соодветно во насока на реализација на нивните цели.

Читайте на 123ru.net