World News

ЕУ покрена истрага за ТикТок поради сомнеж за руско мешање во изборите во Романија

Европската унија(ЕУ) започна истрага против социјалната мрежа ТикТок во кинеска сопственост поради наводите дека Русија ја користела мрежата за да влијае на исходот од првиот круг од претседателските избори во Романија, на кои победи екстремно десничарски кандидат фаворизиран од Москва.



Калин Георгеску, дотогаш повеќе или помалку непознат независен кандидат, постигна шокантна победа во првиот круг од изборите на 24 ноември со околу 23 отсто освоени гласови. Во вториот круг на 8 декември, тој требаше да се соочи со проевропската централно-десничарска кандидатка Елена Ласкони.


Меѓутоа, откако романскиот Совет за национална безбедност ги декласифицира документите кои наводно укажуваат на неименуван „државен актер“ кој се чини дека е Русија, Уставниот суд на Романија го поништи првиот круг од гласањето и нареди тој повторно да се одржи во следните неколку месеци.



Според тоа, мандатот на актуелниот претседател Клаус Јоханис беше продолжен, иако неговиот втор петгодишен мандат како претседател на Романија заврши во средината на декември.




„По сериозните индикации дека странски актери се мешале во романските претседателски избори користејќи ТикТок, сега темелно истражуваме дали ТикТок го прекршил Законот за дигитални услуги со тоа што не ги спречил таквите ризици“, изјави Урсула фон дер Лајен, шефица на Европската комисија. 


Таа додаде дека одлуката за отворање истрага ги зема предвид информациите добиени од декласифицираните разузнавачки извештаи на романските власти како и од извештаите на трети лица, објави романскиот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ).



Во соопштението се наведува дека комисијата ќе продолжи да собира докази со испраќање дополнителни барања за информации, спроведување на последователни дејства, интервјуа, увиди и барање пристап до алгоритми.



На 5 декември, ЕУ издаде наредба до ТикТок да ги замрзне и да ги зачува податоците поврзани со „реалните или предвидливи системски ризици“ поврзани со романските избори.



Група американски сенатори, исто така, објави соопштение во кое го осудуваат наводното руско влијание на романските избори.



 

Читайте на 123ru.net