World News

Арсовска: Заврши санацијата на градскиот водовод во Скопје

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, изјави дека заврши санацијата и реконструкцијата на градскиот водовод во Скопје и во следните три часа се очекува нормализирање на состојбата.


„Би сакала да им се заблагодарам на техничките и стручните лица од ЈП ’Водовод и канализација‘ за храброста што ја имаа и што ја истакнаа својата експертиза и стручност за овој повеќедецениски проблем кој го завршија во рекордно време“, рече Арсовска.




Таа посочи дека во реконструкцијата учествувале повеќе од 160 лица технички персонал, како и 150 административен персонал.


„Отпочнувајќи од два часа наутро, кога практично отпочна престанокот на вода од магистралниот цевковод, до пред неколку часа е целосно санирано успешно и стручно од страна на службите на Јавното претпријатие и веќе е отпочнато со пуштање на водата, полека, за притисокот којшто во овој момент се креира, практично, не би предизвикал некакво оштетување на нашата мрежа“, рече Арсовска.


Со полнење на магистралниот водовод, посочи градоначалничката, е започнато пред околу два часа и потребни се дополнителни три часа за нормализирање на состојбата – целосно полнење и враќање на притисокот во нормала.


Денеска (21 декември) повеќето скопјани остана без вода поради сериозен зафат за санирање на главниот цевковод. Беше затворен еден од двата главни вентили со што беше прекината водата за најголемиот дел од населбите од десната страна на реката Вардар.




Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) излезе со препорака до граѓаните да не ја пијат веднаш водата од чешма бидејќи „контактното време на резидуалниот хлор и водата во мрежата во услови на пониски амбиентни температури може да потрае и до 1 час“.


Како што наведоа, може да се очекува водата за пиење по пуштањето во водоводната мрежа да ја промени бојата, да добие невообичаен мирис, да има видлива заматеност или евентуално страни тела, како ситни зрнца песок или инсект и сл.


И во таков случај, здравствените власти препорачаа да не се пие водата додека не се стабилизира бојата, мирисот и вкусот.

Читайте на 123ru.net