World News

Талибанците забранија отворени прозорци од кои може да се видат жени

Врховниот лидер на Талибанците издаде наредба со која се забранува изградба на нови станбените згради со прозорци кои имаат поглед кон областите што ги користат Авганистанките. Дополнително постоечките такви прозори треба да бидат блокирани.



Според соопштението објавено од талибанската влада во саботата, новите згради не треба да имаат прозорци низ кои може да се види „дворот, кујната, бунарот на соседот и другите области кои најчесто ги користат жените“.



„Гледањето жени кои работат во кујните, во дворовите или земаат вода од бунари може да доведе до несоодветни постапки“, се вели во декретот објавен на социјалната мрежа X порано позната како Твитер од владиниот портпарол Забихула Муџахид, јавува новинската агенција Франс Прес.



Градските талибански власти и другите институции ќе треба да ги следат градилиштата за да се осигураат дека не е можно да се погледне во куќите на соседите.






Во случај да постојат такви прозорци, на сопствениците ќе им се советува да подигнат ѕид или да го блокираат погледот „за да не ги вознемируваат соседите“, се наведува во декретот.


Откако Талибанците ја презедоа власта воо август 2021 година, присуството на жените на јавниот простор се намали, што ги натера Обединетите нации да го осудат „родовиот апартхејд“ на талибанската администрација.



Талибанските власти го забранија образованието за девојчињата и жените надвор од основното училиште, го ограничија вработувањето на жените и го блокираа нивниот пристап до парковите и другите јавни места.



Неодамнешниот закон им забранува на жените дури и да пеат или рецитираат поезија во јавност поради строгата примена на исламскиот закон. Законот налага и да го „прикријат“ гласот и да ги покриваат телата кога се надвор од дома.



Некои локални радио и телевизиски станици престанаа да емитуваат женски гласови. Талибанската администрација тврди дека исламскиот закон ги „гарантира“ правата на мажите и жените во Авганистан.

Читайте на 123ru.net