Владата отвора телефонска линија за повредените во пожарот во Кочани
Владата воведува нова телефонска линија, 070 355 526, преку која повредените во трагедијата во Кочани и нивните семејства ќе можат директно да ги изнесат своите барања и потреби. На бројот во Владата поврдените во пожарот во дискотеката „Пулс“ че може да се јавуват од понеделник, 9 јуни, а со неа ќе ракповоди Канцеларијата на премиерот.
„Ја воспоставуваме новата телефонска линија за директна комуникација, која ќе функционира непрекинато и достапно за сите повредени и нивните семејства. Оваа линија нема да биде само контакт, туку жив канал на комуникација преку кој ќе се одржува дневна, неделна и месечна координација, со редовно информирање и со персонализиран пристап за секој случај“, изјави на денешната прес-конференција владината портпаролка Марија Митева.
Во првата фаза, како што кажа Митева, се повикуваат сите засегнати да се јават и да ги изнесат своите предлози и потреби. Целта е барањата да се соберат, сублимираат и веднаш да се проследат до надлежните институции за нивно решавање во најкус можен рок.
Митева вели дека оваа иницијатива е резултат на директната комуникација на терен на работната група за евалуација на состојбата на повредените.
„Свесни сме дека досега беа преземени повеќе активности – итна здравствена грижа, институционална мобилизација, финансиска и логистичка поддршка, но свесни сме и дека постојат сегменти кои се повторно неопходни“, рече Митева, додавајќи дека поддршката не треба да биде еднократна, туку континуиран процес.
Таа додаде дека Владата ја разгледува и можноста за отворање на канцеларија во Кочани или подобрување на условите во локалната болница, со цел повредените да не мораат за сите интервенции да патуваат во Скопје.
„Ова е тема на дискусија во рамките на Владата и е резултат на информациите од работната група. Наскоро ќе објавиме и план како сето ова треба да се реши“, најави Митева.
Во пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ на 16 март загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.
Денеска повторно е најавен мирен марш на семејствата на загинатите во дискотеката „Пулс“ во Кочани, преку кој бараат правда и неселективна одговорност за изгубените животи на нивните блиски.
Верица Трифунова, мајка на загинатата Моника Спасова, испрати повик до граѓаните пред маршот. Таа побара поддршка од сите граѓани во државата – заедно да кажат „стоп“ на криминалот, корупцијата и насилството.