World News in Macedonian

Муцуски-Бербок: Потврдена поддршка за македонските евроинтеграции

Шефицата на германската дипломатија Аналена Бербок вели дека таа се залага за укинување на едногласност во ЕУ, но додека тоа не се случи, Северна Македонија мора да ги почитува компромисите, а тоа значи дека уставните измени се клучен чекор кон почетокот на преговорите на Северна Македонија со ЕУ. 


На денешната заедничка прес конференција во Берлин на Бербок со македонскиот министер за надворешни работи Тимчо Муцунски, таа порача дека вметнувањето на бугарското малцинство во македонскиот Устав е последниот чекор за отворање на првиот преговарачки кластер со ЕУ. 


„Правилата во ЕУ се такви, се одлучува едногласно, и тука не се работи за некаква неправда. Ние не се согласуваме со нашите европски партнери во сѐ, но такви се правилата. Сѐ додека тие правила не се сменат, за што јас лично се залагам, тие треба да се почитуваат“, изјави Баербок.


Баербок изразила надеж дека може да се појави поповолна атмосфера по парламентарните избори во Бугарија на крајот на месецов.



„Знаеме колку е тешко да се направат уставни измени во демократиите и тоа го барав и при мојата последна посета на Северна Македонија. Но, тогаш беше во тек изборна кампања и разбрав дека тогаш овој чекор не беше можен. Сега има избори во Бугарија, и потоа постои шанса која треба заеднички да се искористи“, рече Бербок.


Северна Македонија има силна поддршка од Германија во евроинтегративниот пат, но на тој пат важно е да се работи на реформите во правосудството, борбата против корупцијата и зајакнувањето на правната држава. Ова германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок на нејзиниот македонски колега Тимчо Муцунски, на средбата во Берлин, се вели во македонското владино соопштение.


Говорејќи за евроинтеграцијата и европската перспектива на Република Северна Македонија, Бербок порачала дека само обединета Европска Унија која нема да биде блокирана од поединечни земји членки, може во кризни времиња целата своја тежина да ја стави на вагата на глобалната политика.


„На нас како Германија ни е посебно важно, да напредуваме во квалификуваното мнозинство, а не само во едногласното одлучување, што би значело дека во пристапниот процес би можеле да одлучуваме со мнозинско, а не едногласно одлучување“, нагласила Бербок.


Потенцирајќи ја силната поддршка од Германија и фактот дека македонската влада посветено напредува во реформскиот процес, германската министерка Бербок ја споменала важноста на реформите во правосудството, борбата против корупција и зајакнување на правната држава, пишува во владиното соопштение.




Бербок ја потенцирала и улогата на земјава во регионалните иницијативи и притоа посочила дека Република Северна Македонија досега преземала сериозна одговорност, пред се во рамки на „Берлинскиот процес“, а потоа и во мултилатералните иницијативи на меѓународната сцена, односно во Советот за човекови права на Обединетите Нации и Извршниот совет на организацијата за забрана на хемиско оружје.


Министерот Муцунски изразил благодарност за континуираната поддршка и ангажманот на Германија за досега постигнатиот напредок на нашата земја на патот кон ЕУ, како и за посветеноста на Германија за забрзување на целокупниот процес на интегрирање на земјите од Западен Балкан, особено во рамки на иницијативата на Берлинскиот процес.


На средбата и на прес-конференцијата, министерот Муцунски изразил убедување дека деблокадата на евроинтегративниот процес преку одржување на втората меѓувладина конференција и итен почеток на преговорите не само што ќе ја зајакне европската реформска агенда во регионот, туку ќе го направи и многу поотпорен на влијанијата од трети земји, притоа тој нагласи дека деблокирањето на нашиот евроинтеграциски процес е прашање од стратешки и безбедносен интерес, како за регионот, така и за постојаните заложби на ЕУ.

Читайте на 123ru.net