World News in Macedonian

Обвинителство: 16 цариници осомничени за примање поткуп

Вкупно 16 лица, како вработени во Царинската управа, се осомничени за кривичното дело примање поткуп, додека уште две други лица ќе се гонат за злоупотреба на службената положба и овластувања, соопшти Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).


Станува збор за лица кои работеле во царинските испостави „Ново Село“ и „Дојран“, а кои Обвинителството ги сомничи дека од март 2023, па се до вчера, 15 октомври 2024 година, со умисла извршиле повеќе кривични дејствија така што земале поткуп за да не пресметуваат увозни давачки на превозници.


„При вршење на царински прегледи на стоката што се увезувала во државата преку граничните премини, од превозниците на стоката директно барале и примале парични средства за себе во износи од по 20, 50, 70, 100 и 150 евра, за да не извршат службено дејствие што би морало да го извршат. Откако ќе го примеле поткупот, што потоа го делеле меѓу себе, осомничените не ја вршеле својата службена должност и не правеле пресметка и наплата на увозните давачки“, велат од ОЈО ГОКК.




Увезената стока, според обвинителството, осомничените цариници ја пуштале во слободен промет и на тој начин, си остварувале имотна корист за себе, а на штета на државниот буџет.


По повеќемесечна предистрага, вчера во Струмичко-гевгелискиот регион била спроведена акција под кодно име „Премин“ и биле извршени претреси на 26 локации, а од слобода биле лишени 14 царински службеници, еден пензиониран цариник и еден полицаец.


При претресите биле пронајдени и 50.000 евра кои, според обвинителството, биле земени од поткупот.


Целиот случај е отворен откако првично граѓанин поднел пријава против три лица.


По завршувањето на истрагата односно со наредбата за истрага, од ОЈО ГОКК велат дека бараат и Основниот кривичен суд Скопје да определи притвор за шестмина од осомничените, додека за останатите 10 бараат поблаги мерки – одземање на пасоши, забрана за напуштање на државата, како и забрана за определени работни активности.


На 16-те лица кои се осомничени за делото примање поткуп им се заканува затворска казна од четири до десет години.


За двете лица осомничени за злоупотреба на службената положба, пак, ќе се води скратена постапка бидејќи со последните измени на Кривичниот законик од септември лани, казната за ова дело е од шест месеци до три години затвор.

Читайте на 123ru.net