World News in Macedonian

Мицкоски: Постои една Академија на науките и уметностите

Премиерот Христијан Мицкоски порачува дека постои само една Академија на науките и уметностите и вели тоа е ставот на ВМРО-ДПМНЕ, Владата и на академици од различни етнички заедници.


Со ваква изјава премиерот излезе откако вчера (15 октомври) од Тетово беше најавено дека четири општини, во кои локалната власт е во рацете на владиниот коалициски партнер Вреди, ќе финансираат работење на Здружението на граѓани – Албанска академија на науките и уметностите.


Мицкоски не очекува ваквиот потег на Вреди да влијае негативно на владината коалиција.


„Нашиот став е принципиелен и тоа го кажав во многу наврати во минатото дека етнички и национални теми не се мој приоритет“, вели Мицкоски.




Премиерот, кој е и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, тврди дека советниците од оваа партија нема да гласаат за општински буџет од кој ќе се одвојат средства за оваа намена. Станува збор за општините Тетово, Гостивар, Чаир и Желино.


„Не би сакал парите на граѓаните да се трошат за невладини организации. Повеќе би сакал да видам да се трошат за инфраструктурни проекти, да креираме услови за младите да се вратат назад и тоа се темите за кои јас сакам разговарам. Теми коишто поларизираат или етнизираат не се теми во кои јас сакам д бидам соговорник. Претпоставувам тоа се дел од опозициските партии во Парламентот коишто ќе го зголемат или намалат својот рејтинг ако се разговара на оваа тема“, изјави Мицкоски на 16 октомври.


Против Албанската академија на науките и уметностите се и социјалдемократите. Лидерот на опозицискиот СДСМ, Венко Филипче, исто така, порача дека тие нема да поддржат „никаков паралелизам во институциите“. Тој смета дека е преседан да се создаваат „етнички чисти“ институции.


„Науката не смее да се етнизира на ниеден начин и во ниеден случај. За СДСМ и за мене како претседател ова е тенденциозна политичка порака која им служи единствено на намерите за поттикнување на поделби кои носат огромна штета за граѓаните и општеството“, посочи Филипче.




И опозициската ДУИ реагираше на најавите кои дојдоа од Вреди за финансирањето на Албанската академија како невладина организација.


„Како ДУИ не се согласуваме со овој принцип на функционирање. Албанската академија пропагирана како национално ниво стана една невладина организација и ние не сме дел од такви проекти. Во оние општини каде функционираат партиите на Вреди сме опозиција, не сме дел од владејачкото мнозинство“, изјави Фатон Ахмети од ДУИ.


Вчера во Тетово, градоначалниците на Тетово, Гостивар, Чаир и Желино имаа средба со претставници на ова здружение и најавија дека ќе го финансираат работењето на ова здружение.

Читайте на 123ru.net