World News in Macedonian

Филков тврди дека документот од Оценската мисија на ЕК е земен од Лога

Министерот за правда Игор Филков на денешната прес-конференција информираше дека документот со препораките од Оценската мисија на Европската комисија бил земен од претходниот министер за правда, Кренар Лога. Нагласи дека за ова во тек е постапка и дека ќе се бара одговорност.


„Судскиот совет и Јавното обвинителство мора да бидат ослободени од каква било форма на политичко мешање, функционирајќи единствено во служба на правдата. Овие тела ќе бидат реформирани за да работат со најголем интегритет, фокусирајќи се на професионалноста и строгото почитување на владеење на правото. Голем предизвик во реализација на оваа активност претставува фактот дека Министерството за правда не располага со толку споменуваниот документ со препораките од Оценската мисија на Европската Комисија по однос на Судскиот совет. Иако документот е класифицирана информација, истиот бил земен од мојот претходник, заради што Министерството не располага со истиот“, појасни Филков.


Како резултат на тоа, тие биле принудени да се потпираат на електронски верзии, само на дел од документот што ги содржи исклучиво препораките без соодветните образложенија и официјалниот допис на Европската Комисија.




Осврнувајќи се на сработеното во првите 100 дена, Филков посочи дека го презел Министерството без примопредавање и со испразнет кабинет од потребната документација, но со тукушто набавени чадори, маици, торби, чаши и други предмети, секој во количина од над 200 парчиња. Фактурата за сите овие работи била во износ од 956 илјади денари, но неплатена.


„Затекнав сериозно испразнети финансиски ресурси. Непостоење на евиденција за добивање и користење мобилни телефонски уреди, лаптопи и електрични скутери од страна на провајдерот, што укажува на персонификација на мојот претходник со институцијата - Министерство за правда. Нефункционален возен парк. И слободно можам да кажам девастирана функционалност на самото Министерство“, рече Филков.


Додаде дека затекнал целосно празни подрачни одделенија на Министерството во Скопје, а во централниот и источниот дел од државата бројни необработени предмети за бесплатна правна помош и несоодветни услови за работа.

Читайте на 123ru.net