World News in Macedonian

Нетанјаху: Војната може да заврши уште утре, ако Хамас ги врати заложниците

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во изјава на англиски јазик го нарече убиството на лидерот на Хамас, Јахја Синвар, „почеток на крајот“ на војната во Газа.


„Имам едноставна порака до жителите на Газа - оваа војна може да заврши уште утре. Може да заврши доколку Хамас го положи оружјето и ги врати нашите заложници. Израел ќе ја гарантира безбедноста на сите оние кои ќе ги вратат нашите заложници. Ако некој им наштети на заробениците Израел ќе ги лови и ќе ги изведе пред лицето на правдата“, рече Нетанјаху.


Израелскиот премиер додаде дека оската на теророт изградена од Иран „се урива пред нашите очи“.


„Владеењето на теророт што го наметна иранскиот режим врз својот народ и народите на Ирак, Сирија, Либан и Јемен ќе заврши“, рече Нетанјаху.




Јаја Синвар беше убиен вчера (17 октомври). Израелскиот министер за надворешни работи Израел Кац објави дека Синвар бил убиен за време на воените операции во Појасот Газа.


Синвар е осомничен дека наводно го организирал смртоносниот напад врз Израел на 7 октомври 2023 година. Нападот без преседан ја предизвика израелската војна во палестинската енклава.


Тој стана главен лидер на Хамас, по атентатот на Исмаил Ханије, шеф на политичкото биро на групата, кој беше убиен во Техеран на 31 јули во наводен израелски напад.

Читайте на 123ru.net