World News in Macedonian

Перински: Нема законска можност општините да финансираат Албанска академија на науките

Министерот за локална самоуправа Златко Перински, коментирајќи ги најавите на четирите општини Тетово, Гостивар, Желино и Чаир дека ќе го финансираат работењето на здружението Албанска академија на науките и уметностите, вели дека законска можност за такво нешто нема.



Перински во интервју за МИА вели дека посоодветно е локалните самоуправи да работат на зголемување на квалитетот на живот на граѓаните, а не да одвојуваат средства за нешто што нема да има функција во годините што следат.



„Тоа е строго опишано во Законот за локална самоуправа, во членот 11, кој вели дека приходите на локалните самоуправи треба да се трошат исклучиво за надлежностите кои се утврдени согласно Законот.  Во тие надлежности, Албанска академија на науките и уметностите не стои. Општината има можност да финансира здруженија и невладини организации, но и тие треба на некој начин да ги спроведуваат основните надлежности за кои таа локална самоуправа постои. Ако точно се чита законот, законска можност за вакво нешто нема“, вели Перински.




Тој посочува и дека академиците од Македонската академија на науките и уметности, кои се од другите етникуми, јавно кажале дека пристапот е погрешен.



Четири општини, во кои локалната власт е во рацете на владиниот коалициски партнер Вреди, на 15 октомври од Тетово најавија дека ќе финансираат работење на Здружението на граѓани – Албанска академија на науките и уметностите.


Станува збор за општините Тетово, Гостивар, Чаир и Желино.


Против Албанската академија на науките и уметностите се изјаснија премиерот Христијан Мицкоски, СДСМ и ДУИ. 

Читайте на 123ru.net