World News in Macedonian

Македонско-бугарската историска комисија нема да ревидира препораки, тврди Димитров

Протоколите од минатите седници и значењето на Охридската архиепископија пред 11-тиот век биле темите за кои се разговарало на вториот ден од седницата на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, открива бугарскиот копретседател на комисијата, Ангел Димитров. Тој во изјава за медиумите вели дека денеска започнале со поконкретна работа.


„Почнавме едни многу долго водени разговори досега околу претставувањето на Охридската архиепископија во текот на 11 век. Бидејќи на нашите колеги им треба време да навлезат во таа проблематика и решивме да ја оставиме за следниот состанок кој ќе се одржи во Софија“, изјави Димитров.




Македонскиот копретседател со Комисијата Ванчо Ѓорѓиев во писмено соопштение истакна дека дводневните разговори поминале во позитивен дух и конструктивна атмосфера.


„На средбата се дискутираше за принципите за работа како и за протоколарни и процедурално- технички прашања за работата на Комисијата. Комисијата работеше и на усогласување на Записниците од претходните средби, а стана збор и за препораките за македонските учебници за VII одделение“, се наведува во соопштението.




Во однос на очекувањата за ревидирање на веќе донесените препораки од претходниот состав на македонската комисија и актуелниот состав на бугарската комисија, Димитров е дециден дека тоа не може да се случи.


„Ништо не може да се почне од почеток, бидејќи тоа е завршена многу работа и треба да го почитуваме трудот на таа Комисија“, кажа Димитров.


Досега Комисијата усвои препораки за заедничко чествување на пет историски ликови – Светите браќа Кирил и Методиј, Св. Наум Охридски, Св. Климент Охридски и Цар Самоил и по пет препораки за измени во учебниците по историја за шесто одделение во Македонија и за петти клас во Бугарија. Последните препораки, за кои македонските и бугарските историчари ги усогласија ставовите, беа објавени пред две години. Последната средба тие ја одржаа во јуни и таа беше трета за годинава. Следниот состанок ќе се одржи во Софија.

Читайте на 123ru.net