World News in Macedonian

Бројот на судии се намалува, но е близу до европскиот просек

Нешто повеќе од 1 500 денари или 24,6 евра државата троши по глава на жител за правосудството, што е далеку под европскиот просек од 74,9 евра. Но, гледано како процент од БДП, судскиот буџет е значително над европскиот просек. 


Ова го покажува најновиот Извештајот за ефикасност и квалитет на правдата во Европа на Европската комисија за ефикасност на правдата на Советот на Европа (CEPEJ) којшто содржи податоци за 2022.


Во извештајот се наведува дека државата одвојува 0,39 проценти од БДП за судството, додека европскиот просек е 0,28. Најголем дел од средствата 78,1 процент оди за судството, 20,9 проценти за обвинителствата и само 1 процент за правна помош.


Иако бројот на судии во земјава е во постојан пад и во последните десет години е намален за околу една третина, со 22,3 судии на 100 илјади жители земјава е нешто малку над европскиот просек од 21,9 судии на 100 илјади жители. Иако 62 проценти од судиите се жени, сепак, бројот на жени претседатели на судови е помал - 41 процент, наспроти мажи кои се претседатели на судови - 59 отсто.


Судиите и обвинителите имаат најниски плати во регионот. Ако на почетокот на кариерата, бруто платата на судиите е двојно помала од европскиот просек, на крајот на кариерата разликата само се зголемува и е речиси четири пати поголема.




Буџетот за ИКТ во судството во земјава бележи раст и гледано како процент од вкупниот буџет на правосудството, бележи раст од 1 процент во периодот 2014-18, на 2,6 проценти во периодот 2018-22 година. Иако буџетската правна помош по жител во земјава е зголемена од 0,16 евра во 2020 на 0,3 евра во 2022, останува еден од најниските во Европа.


Меѓудругото, извештајот ги идентификува главните трендови во судските системи на 44 европски земји и две земји набљудувачи- Израел и Мароко.



Од регионот, за судство најмногу одвојува Црна Гора, а најмалку Албанија по глава на жител. Во групата А – земји со БДП по глава на жител од 10 илјади евра, каде се наоѓа и Северна Македонија, најмногу по глава на жител одвојува Црна Гора – 60,5 евра или 0,76 проценти од БДП. Потоа следи Србија со 48,1 евро по глава на жител или 0,54 проценти од БДП. Босна и Херцеговина одвојува 43,6 евра по глава на жител или 0,64 проценти од БДП. Помалку од нас одвојува Албанија – 15,8 евра по глава на жител или 0,29 проценти од БДП.

Читайте на 123ru.net