World News in Macedonian

Декларацијата на министерката за енергетика Сања Божиновска за бугарска самосвест поделена во Собранието

Поранешниот министер за внатрешни работи и пратеник од СДСМ, Оливер Спасовски денеска во Собранието на РСМ  подели декларацијата до пратениците, којашто актуелната министерка за енергетика, Сања Божиновска ја има потпишано на 21.10.2004 година, а со која изјавува дека има бугарска самосвест. Претходно бугарската новинска агенција БГНЕС ја објави декларацијата на којашто се гледа потписот на министерката.


Спасовски на премиерот Мицкоски му го постави прашањето за Божиновска, која своерачно потпишала дека има бугарска самосвест и бугарско потекло во 2004 година.


Тој го праша Мицкоски дали ќе се побара одговорност заради таквиот пристап кон јавноста од страна на министерката Божиновска.


„Доколку бевте информирани и доколку она што сега во јавноста кружи сакам да ве прашам дали ќе се побара одговорност заради таквиот пристап кон јавноста од министерката Сања Божиновска“, рече Спасовски. 


Мицкоски обраќајќи се кон пратеникот Оливер Спасовски, рече дека Сања Божиновска е поголема Македонка и притоа го обвини дека тоа што тој како министер го направил во Министерството за внатрешни работи е „најлошиот дебакл што се случил во државата“.


 




„Ние наместо да сме горди, среќни што имаме професионалец, човек кој што има исклучително квалитетни позиции во минатото, луѓе конекции кои што можат да бидат додадена вредност, ние сега измислуваме приказни кои што апсолутно немаат никаква врска ниту со енергетиката, ниту со рударството ниту со минералните суровини. Тоа е исто како сега јас да ве напаѓам вас за нешто кое што нема никаква врска со тоа што дававте пасоши на белосветски криминалци. Јас ви гарантирам дека Сања Божиновска е многу поголема Македонка од вас сите заедно. Нема поголема Македонка. Јас ова ви го кажувам и потврдувам, рече Мицкоски.


Иако станува збор за стандардна формулација која им се дели на сите баратели на бугарски документи, БГНЕС забележува дека потписот на Божиновска е ставен во 2004 година, односно три години пред Бугарија да стане полноправна членка на ЕУ.


„Изјавувам дека имам бугарска национална свест и сум со бугарско потекло исто како татко ми Перо Божиновски, родум од Куманово и мајка ми Виолета Божиновска, родум од Скопје, држава Македонија кои се Бугари. За невистинитите изјави свесна сум за одговорноста по член 313 став 3 од Кривичниот законик и последиците од член 22 од Законот за бугарско државјанство, се вели во декларацијата.


Божиновска претходно за тоа дали има се уште бугарска „самосвест“ изјави дека мора да се консултира со адвокатите кои ја воделе процедурата, која била многу одамна.




По тоа порача и дека „ниту еден граѓанин на Македонија, кој се стекнал со бугарско државјанство, не се чувствува како Бугарин“, туку тоа се го направил од економски причини.


Денеска во соопштението испратено од Министерството за енергетика се наведува дека Божиновска на 14 септември минатата година побарала отпуст од бугарското државјанство. 


„За жал, одредени актери од Бугарија, на кои не им е во интерес градењето на добрососедски односи помеѓу Македонија и Бугарија со цел надминување на пречките за нашето членство во Европската Унија, наместо култура на дијалог, ја злоупотребуваат ситуацијата. Државјанството кое го поседувала во минатото е земено од економски причини како што тоа го направиле многу македонски граѓани, а не како што некои актери сега сакаат да ја извртат вистината дека станува збор за национални причини, се наведува во соопштението испратено до МИА.


 

Читайте на 123ru.net