World News in Macedonian

Мицкоски за средбата Давкова-Радев: Очекувам достоинствен процес

Очекувам дека навистина ќе бидеме добри соседи и дека до крајот на оваа година ќе можеме и да го продолжиме нашиот процес на достоинствен начин, изјави денеска (14 ноември) премиерот Христијан Мицкоски, по вчерашната средба на македонската претседателка Гордана Сиљановска Давкова со нејзиниот бугарски колега Румен Радев, на маргините на Конференцијата за климатски промени-КОП29 во Баку, Азербеџан.


Премиерот истакна дека иако не знае каков бил речникот на средбата, знае дека поминала во добра атмосфера.


„Нашите аргументи се немилосрдни. Добив информација дека тие аргументи се презентирани на таа средба. Истото она што ние го правиме со нашите стратешки партнери му е предочено на господинот Радев и очекувам дека навистина ќе бидеме добри соседи и дека ова е навистина двонасочна улица и дека навистина до крајот на оваа година ќе можеме и ние да продолжиме со нашиот процес на достоинствен начин, изјави Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање по бизнис форумот „Дијалог помеѓу бизнис секторот и Владата“.




Како што информираа од Кабинетот на претседателката, на средбата било разговарано за потребата од унапредување на македонско-бугарските односи, за надминување на отворените прашања меѓу двете држави, како и за можностите за продлабочување и динамизирање на билатералната соработка во повеќе области од взаемен интерес.


Двајцата соговорници ги изложиле своите позиции во поглед на можните решенија за предизвиците на македонските евроинтеграции.


Бугарскиот претседател Радев, се вели во соопштението, укажал на потребата од брзо решавање на отворените прашања, како и на потребата од воспоставување на добри односи во сите области од заемен интерес за полесно меѓусебно разбирање.


Сиљановска-Давкова, како што посочуваат од Кабинетот, нагласила дека односите треба да се развиваат врз основа на заемно почитување, поддршка и активна соработка што ќе придонесе за јакнење на довербата и пријателството меѓу двата народа.

Читайте на 123ru.net