World News in Macedonian

До правобранителот 40 претставки за загрозена животна средина, половината за загадениот воздух

Заклучно со октомври, четириесетина претставки од областа на животната средина оваа година стигнале во канцеларијата на Народниот правобранител. Половината од нив се за квалитетот на воздухот, а другите 20-ина се за други аспекти за загрозена животна средина.


Ова го соопшти народниот правобранител Насер Зибери кој денеска и утре (20 и 21 ноември) е домаќин на Меѓународна конференција „Народните правобранители и националните институции за човекови права и животната средина“ која се организира во рамките на проектот „Зголемување на улогата на Народниот правобранител во еколошката правда“. 


Во својот говор правобранителот Зибери ги наведе трајните штетни последици од загадувањето на животната средина врз животот и здравјето на населението, поврзаноста на загадениот воздух со смртноста и предизвиците со кои човештвото се соочува во последните децении. Притоа посочи дека токму најголемите загадувачи на светот не ги потпишале глобалните документи за заштита на екологијата. 


Зибери изрази загриженост за состојбата со животната средина во земјава која како што рече „не оди во прилог на уставната заложба за гарантирање на правото на здрава животна средина утврдена во членот 43 од Уставот“.


„Начелниот став на Врховниот суд нè охрабрува дека работите ќе тргнат на подобро, затоа што тој начелен став ја обврзува државата да обезбеди здрава животна средина како една од гаранциите на нашиот Устав кон секој поединец“, рече Зибери.  




Зибери апелираше и да се донесе нов закон за заштита на животната средина зашто актуелниот е од 2006 година, имал 24 пати измени оттогаш и, рече, „повеќе не е соодветна рамка за справување со овој проблем“.


Постојаниот претставник на УНПД во Северна Македонија, Армен Григорјан, порача дека заштитата на животната средина „не е само еколошко прашање, туку е и правда и фундаментално човеково право“ и затоа омбудсманите и институциите за заштита на човековите права „имаат се поголема  улога во промовирање на еколошката правда“.


Првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити во изјава за медиумите во однос на тоа што се презема против аерозагадувањето во градовите во државава, одговори дека политиките се насочени кон причините, а не кон последиците. 


„Истражувањата покажуваат дека во урбаните средини домаќинствата користат се и сешто за греење, не од што сакаат туку затоа што немаат избор. Со „зелен фонд“ на Владата и од Министерството за животна средина ќе субвенционираме за да се зголеми бројот на тие што се греат на топлинска енергија во урбаните средини, бидејќи нив таму ги има, и да се вратат на нив, бидејќи таа е почиста и од гасификацијата. Ова се конкретни покрупни проекти. Најверојатно се размислува и термоелектраните кои се на јаглен да се затворат и до 2030 да се заменат со гасни централи и нови системи кои ќе придонесат за подобра животна средина“, рече Меџити.




Тој го спомна и загадувањето од сообраќајот и рече  дека „поради недобра комуникација со Град Скопје“ доцни реализирањето на донација од шест електрични автобуси од Европската Унија. Воедно, додаде, дека се работи и на проблемот со отпадот односно дека во завршна фаза е депонијата Свети Николе, а се работи и на депонијата за Пелагонија за која, како што рече, се предвидени 26 милиони евра од ЕБОР.

Читайте на 123ru.net