World News in Macedonian

Поради недостиг на гориво, редуциран јавниот градски превоз во Скопје

Во Скопје попладнево сообраќаат само 25 автобуси, а останатите се паркирани во автобазите на Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) во Автокоманда и Ѓорче Петров поради недостиг на гориво. Од синдикатот на  возачите велат дека состојбата е алармантна, а Град Скопје соопшти дека “се работи за смислено сценарио од страна на ВМРО-ДПМНЕ со цел пропаѓање на претпријатието“.



Африм Муча, претседател на Независниот синдикат на возачите во ЈСП „Скопје“ за МИА изјави дека состојбата е многу сериозна бидејќи, како што рече, речиси 70 отсто од возилата се паркирани.



„Одговорот е едноставен, нема нафта. Утрово возачите беа повикани да дојдат на работа, но тие се во базите во Автокоманда и во Ѓорче Петров заедно со автобусите бидејќи нема нафта и ТНГ. Низ градот сообраќаат мал број двосменски автобуси кои имаат наточено нафта пред два дена, како и возилата со ТНГ. За нормално функционирање на ЈСП на дневна основа се потребни 25 тони нафта, што не ја добиваме. Нафтата вообичаено ни ја доставува „Пуцко Петрол“ во базите на ЈСП „Скопје“, но бидејќи должиме поголема сума на пари, деновиве не ни доставуваат нафта“, рече Муча.



Тој најави дека е можно утре воопшто да не сообраќаат автобусите доколку во теков на денов не добијат гориво. 




Од Град Скопје соопштија дека „кризата е креирана“ од владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ. 


„Кадарот на шефот на ВМРО-ДПМНЕ во Бирото за јавни набавки, Маре Богева, креира криза во ЈСП за гориво, со тоа што за првпат од постоењето на претпријатието ја поништи редовната јавна набавка за гориво во ЈСП како смислено сценарио“, соопштија  од Град Скопје.


Од таму велат дека „од моментот кога Мицкоски отпочна да преговара со компанија за набавка на 100 електрични автобуси, кое како и ветувањето за вкупно 250 нови автобуси од програмата за Скопје, отпочна и голготата на претпријатието. Во исто време почнаа и шпекулации за урнисување на ЈСП поради можно сценарио за негова приватизација“. 


Приватните превозници во Град Скопје преку соопштение апелираа до надлежните веднаш да се направи проширен состанок за да се реши проблемот со јавниот градски превоз.



Градоначалникот на Општина Шуто Оризари, Курто Дудуш, ги повика жителите на протест в петок на 22 ноември затоа што немаат редовни автобуски линии.


Проблеми во ЈСП има подолго време. Вработени протестираа поради неисплатени плати, автобуси на улиците има помалку од потребните за да ги опслужат граѓаните на Скопје, кои се жалат дека автобусите доцнат, дека често се расипуваат и дека условите за возење се лоши поради гужвите што се прават во нив. 


Во Советот на Град Скопје не може да се изгласа проектот за купување еко - автобуси на актуелната градоначалничка Данела Арсовска, ниту да продолжи проектот за брз автобуски превоз на нејзиниот претходник Петре Шилегов.


Арсовска стана градоначалничка со поддршка од сега владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Оваа партија има има мнозинство во Советот на Град Скопје. Откако им се разидоа патиштата уште во првата година од мандатот на Арсовска поради несогласување за пречистителната станица, сега меѓусебно се обвинуваат кој ги кочи проектите за да се нормализира јавниот превоз во Скопје.

Читайте на 123ru.net