World News in Macedonian

Се одбележува Денот на албанската азбука

Денот на албанската азбука е потсетник за тоа како писменоста и образованието можат да бидат мостови меѓу луѓето, рече премиерот Христија Мицкоски на свечената академија во Владата по повод одбележувањето на 22 ноември, Денот на албанската азбука. 


„Не темите што нѐ разделуваат, не политичките барања на поединци кои многу години претходно се криеја зад народот кого го крадеа. Јасното фокусирање кон приоритетите, кон реалните потреби за образование, економија и напредок ни помагаат да ги надминеме разликите, да ги споделиме нашите вредности и да изградиме посилна, поединствена заедница“, рече Мицкоски во обраќањето. 


Вицепремиерот Изет Меџити рече дека одбележувањето на овој ден е во време на жестока дебата „која предизвикува непотребни тензии“.




Уставниот суд оформи предмет Законот за употреба на јазиците, поради што реагираше опозициската ДУИ.  


„Ниту едно добиено или спроведено право не може да се укине или ограничи бидејќи ако сакаме луѓето да бидат третирани еднакво во мултиетнички општества тогаш наша должност е да им обезбедиме или гарантираме уживање и остварување на стекнатите права и слободи“, рече Меџити. 


ДУИ организира посебна дебата насловена „Службен албански јазик - столб на Охридскиот договор“.


„Сметаме дека овој важен ден не треба да се посвети само од историски контекст, туку и од аспект на предизвиците што денеска ги има албанскиот јазик. А, посебно поради фактот што се предизвикува официјалноста на јазикот преку иницијативите поднесени пред Уставен суд од политичари и политички партии. Ние сметаме дека официјалниот албански јазик е еден од најважните елементи на Рамковниот договор“, рече Бујар Османи, потпретседател на ДУИ. 


Државниот врв претходно упати честитки до албанската заедница по повод празникот. 


На 22 ноември се одбележува годишнината од Битолскиот конгрес на кој десетици албански научници од 14 до 22 ноември 1908 година се состанале за да ја создадат албанската азбука. На Конгресот била усвоена одлуката да се прифати латиницата со извесни промени на буквите адаптирани на особеностите на албанскиот јазик.

Читайте на 123ru.net