World News in Macedonian

Сојузниците на НАТО ќе треба да инвестираат речиси три проценти од БДП во одбраната

Сојузниците на НАТО ќе мора да потрошат речиси три отсто од бруто домашниот производ (БДП) на своите воени сили за да ги спроведат новите одбранбени планови на алијансата, изјави во понеделникот висок воен претставник на НАТО, пренесе Ројтерс.


Така, трошоците би ги надминале досегашните два отсто инвестиција во армиите на земјите-членки, што беше поставена како актуелна цел на Алијансата.


Вкупниот процент потребен за да се направат новите планови остварливи е многу поблиску до три отсто од БДП отколку два отсто, изјави во Брисел претседателот на Воениот комитет на НАТО, Роб Бауер.


„Очекувам дека под новата администрација на Доналд Трамп во САД ќе има многу поинтензивна дискусија за тоа колку повеќе Европа и Канада треба да инвестираат, а тоа е здрава и валидна дискусија што треба да се води“, рече Бауер.




Во неговиот претходен претседателски мандат, Доналд Трамп ја предупреди Алијансата за ниските одбранбени трошоци на нејзините земји-членки, кои потоа потрошија помалку од два отсто од БДП на своите армии.


НАТО постојано повторува дека годинава членките на Алијансата треба да ги зголемат инвестициите во нивните одбранбени капацитети.


Поранешниот шеф на НАТО, Јенс Столтенберг, во септември изјави дека 32-те членки на Алијансата мора „да бидат подготвени да ја платат цената на мирот“ во справувањето со Русија.

Читайте на 123ru.net