World News in Macedonian

Обвинителот чие возило беше опожарено очекува брзо откривање на сторители

Џелал Бајрами е обвинителот чие возило е едно од запалените во текот на претходната ноќ во Куманово. За палењето на автомобилот тој самиот се огласи јавно со очекувањето дека сторителите ќе бидат бргу пронајдени.


Очекувам и се надевам дека брзо ќе се најдат сторителот или сторителите на оваа дело. Приватно е возилото, паркирано пред дворот од куќата пред влезната врата. Нема друга штета, возилото е целосно опожарено“, изјави Бајрами за државната агенција МИА.


Обвинителот посочува дека запаленото возило први го забележале соседи кои и пријавиле по што пристигнале екипи од противпожарната единица и од полицијата. Пожарот бил изгаснат бргу, но од возилото не останало ништо.




На местото на настанот излегол и дежурен обвинител и биле земени доказни материјали за расчистување на случајот.


Претходно, од јавното обвинителство соопштија дека извршиле увид на локациите во Куманово во кои биле опожарени вкупно два автомобили и една деловна просторија.


„Преземени се сите дејствија и се испитуваат причините и евентуалните мотиви за опожарувањето. Прибрани се траги од самото место кои ќе бидат предмет на вештачење, а се врши увид и во снимки од камери за видеонадзор“, информираа од ОЈО.


Во посета на Куманово денеска беше заменик-министерот за внатрешни работи Астрит Исени кој оцени дека станува збор за изолирани случаи.


„Констатиравме дека безбедносната состојба е стабилна а овие изолирани случаи дел се целосно расчистени, дел се работи на нивно расчистување и изведување на сите прекршители пред лицето на правдата. Одржувањето на безбедноста, мирот и спокојот на граѓаните се апсолутен приоритет на полицијата и секој што ќе се обиде на било каков начин тоа да го наруши ќе биде спречен и санкциониран од страна на полицијата и изведен пред лицето на правдата“, напиша Исени на Фејсубк.


Како што јавија повеќе медиуми синоќа (1 декември) во Куманово се случиле неколку пожари. За еден од нив, прв на Фејсбук информираше членот на Советот на Општина Куманово, Фитор Јакупи кој напиша дека му изгорела неговата приватна канцеларија. Од неговата партија ДУИ реагираа дека пожарите се подметнати.

Читайте на 123ru.net