World News in Macedonian

Шефицата на косовската дипломатија: Србија стои зад нападот на каналот Ибар-Лепенец

Косовската министерка за надворешни работи, Доника Гервала, ги повтори обвинувањата дека Србија стои зад експлозијата што се случи на 29 ноември, кога беше оштетена критичната инфраструктура на Косово - каналот Ибар-Лепенец.


„Србија ги копира руските стратегии и ги користи ставајќи ги во регионален контекст. Ова не е етничка тензија и не е спор меѓу Косово и Србија. Она што се случува пред нашите очи, и тоа со години, се зголемена ескалација и тензија и тоа е тест за она што Западот е подготвен да го прифати“, изјави таа.


Гервала зборуваше пред европратениците во Комитетот за надворешна политика на Европскиот парламент, каде што се одржа вонредна расправа за ситуацијата во Косово по настаните од изминатиот викенд.




Претседателот на Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент, Дејвид Мекалистер изрази солидарност со граѓаните на Косово.


„Ние сме многу загрижени и тажни поради овој опасен дестабилизирачки напад на Косово. Ние сме солидарни со сите погодени од нападот. Ги осудуваме овие криминални дела кои мора да бидат истражени, а сторителите да бидат изведени пред лицето на правдата“, рече Мекалистер.


Повеќето пратеници кои зборуваа за време на расправата истакнаа дека мора да има последици доколку навистина се потврди дека Белград стои зад нападот, како што тврдат претставници на Приштина.


Тие посочија дека е неопходна адекватна истрага за да се утврди кој точно стои зад настанот.




Во експлозијата на каналот во селото Вараге кај општина Зубин Поток немаше жртви, но таа создаде голема пукнатина на страничниот ѕид поради што водата се излеа од каналот, Тоа придонесе некои делови од земјата да се соочуваат со недостиг на вода.


Од хидросистемот Ибар-Лепенац, со вода се снабдува целиот север на Косово, регионите на Митровица, како и Приштина и нејзината околина, вклучително и Косовската енергетска корпорација за ладење на нејзините термоелектрани.


Европската унија оцени дека станува збор за „терористички напад“ и „акт на саботажа“.

Читайте на 123ru.net