World News in Macedonian

„Застани, Србијо“- уште една блокада ширум земјата за загинатите во Нови Сад

„Застани, Србијо“ - петнаесетминутна кампања за оддавање почит на петнаесетте жртви по падот на бетонската настрешница на Железничката станица во Нови Сад, повторно се одржа денеска (13 декември) во 11:52 часот, во повеќе градови во Србија.


Граѓани, студенти, активисти, опозициски политичари ги блокираа улиците и бараа одговорност за трагедијата која се случи на 1 ноември кога загинаа 15 лица, а двајца беа тешко повредени.




Во Белград, собири беа организирани на повеќе локации.


На дел од транспарентите пишуваше „Рацете ви се крвави“ и „Наставниците се со учениците“. 




Како што јави репортерот на РСЕ, на белградскиот Плоштад на републиката, се собраа актери и претставници на театарски ансамбли, за да им оддадат почит на настраданите.


Насобраните носеа транспаренти со имињата на жртвите, а петнаесетминутниот молк заврши со аплауз.


Актерката Љубинка Клариќ за РСЕ изјави дека застанала 15 минути за загинатите во Нови Сад и нивните семејства.


„Јас застанав на 15 минути, бидејќи гледам дека цела Србија застанува, бидејќи тие луѓе кои беа под настрешницата пред повеќе од еден месец веќе не можат да стојат, а мислам дека и нивните семејства тешко стојат после ова. Па еве, јас застанав и ќе стојам секој ден додека некој не биде кривично гонет, бидејќи тие луѓе повеќе не можат да стојат“, рече Клариќ.




И во Нови Сад, на повеќе места се собраа студенти, активисти, претставници на опозицијата и дел од граѓаните.




Како што јави репортерот на РСЕ, сообраќајот го прекинале стотина студенти за со 15-минутен молк да потсетат на несреќата која се случи во овој град.


На нивните транспаренти стои: „Сакаме правда“, „Сметајте на нас“, „За фер услови за студирање“.




Од вчера (12 декември), блокирани се зградата на Ректоратот и сите факултети на Универзитетот во Нови Сад.


Ректорот Дејан Мадиќ ја напушти зградата. Дел од студентите и стотина вработени на Универзитетот во Нови Сад бараат негова смена, нарекувајќи го ректор на владејачката „Српска напредна партија“.


Блокиран сообраќај и 15-минутен молк, од 11:52 до 12:07 часот, во рамки на акцијата „Застани, Србијо“ имаше и во Ниш, Ужице, Ваљево, Мионица и Крагујевац.

Читайте на 123ru.net