World News in Macedonian

Дурмиши: Ако не се намалат цените, ќе воведеме маржи на производите

Доколку трговците не покажат поголема општествена одговорност и не ги намалат цените на основните производи кои не се во Новогодишната кошница ќе донесеме поригорозни мерки како ограничување на нивните маржи и цени, најави денеска министерот за економија и труд Бесар Дурмиши.


Министерот вели дека екипите на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) се на терен и прават анализи како се движеле цените во изминатите три месеци. За два до три дена ќе завршат анализите по што ќе се знае дали ќе се донесат поригорозни мерки со одлука на Владата. 


Дурмиши ги повика трговците да ги коригираат цените на најпотребните производи во овој период на празници и најави дека доколку не го направат тоа Владата пред Нова година ќе ја донесе одлуката за воведување поригорозни мерки. 


„Не може тоа што на нив им беше дадено како право и можност за едни производи, сега да го надоместуваат со драматично зголемување на цените на некои други производи кои што ги користат граѓаните како што е маслото, лебот, млекото, млечни производи, шеќер, сол, кафе, јајца и слично. Апелирам до големите трговски синџири да си го преиспитаат однесувањето во спротивно ќе ги искористам сите механизми кои ги имаме и ќе донесеме одлука со цел да го заштитиме стандардот на граѓаните“, рече Дурмиши.




Нагласи дека Владата и тој како министер за економија и труд нема да го толерираат однесувањето на трговците и покачувањето на цените на одредени производи на сметка на намалување на други производи кои ги предложија во Новогодишната кошница. 


„Акцијата Новогодишна кошница, како што можевме да видиме во првите денови стартуваше успешно, кај некои производи во кошницата намалувањето на цените беше и над 10 проценти и секојдневно се зголемуваше бројот на производи понудени од компаниите во Новогодишната кошница. Но, тоа не се случи и кај другите основни прехранбени производи чии цени се драстично зголемени“, посочи Дурмиши.


Инспекторите на Државниот пазарен инспекторат, како што кажа, од утрово се во засилени вонредни контроли во маркетите и прават анализи како се движеле цените на основните прехранбени производи во изминатите три месеци, односно колку поскапеле производите кои што не се во Новогодишната кошница.


Според министерот акцијата „Новогодишна кошница“ покажала првични резултати, но сепак биле зголемени цените на производите кои не се дел од неа иако чинителите биле известени да не го прават тоа.


Пазарниот инспекторат , како што кажа, ќе има законска обврска да пишува казни доколку Владата донесе поригорозни мерки, а не само да укажува како што е случајот сега со доброволната акција која не ја почитуваат оние што самите се согласиле со неа. Во мерките, додаде, можно е да има ограничување за намалување на цените на производите за 10 отсто од цената што ја имале во јули или август годинава.

Читайте на 123ru.net