World News in Macedonian

Таравари вели дека има пари за 1117 нови вработувања и 600 приватни специјализанти

Обезбедивме буџет за 1117 нови вработувања и 600 приватни специјализанти, а со почетокот на новата година ќе се објават конкурсите, се пофали денеска (30 декември) министерот за здравство Арбен Таравари, на брифинг со новинарите.


„Ова е дел од нашата стратегија за подобрување на кадровските капацитети во здравството. Се посветивме на детални анализи и подготовка на измени кои ќе донесат долгорочен напредок во здравството. Клучен аспект на оваа работа беше изработката на програма за интегрирање и функционална реорганизација на здравствените единици во јавното здравство. Преку оваа програма се стремиме кон рамномерна регионална распределба на медицинските установи низ целата земја“, рече министерот. 


Таравари вели дека еден од најголемите проекти што е започнат, е спојувањето на јавните установи од Комплексот клиники „Мајка Тереза" во нов правен субјект Јавна здравствена установа Универзитетски клинички центар „Мајка Тереза" Скопје. Притоа додаде дека оваа иницијатива ќе обезбеди поефикасно управување и унапредување на  здравствените услуги за сите граѓани.




Во врска со предизвиците во руралните подрачја, Таравари вели дека се планира воведување стимулативни мерки за привлекување здравствени работници да работат во овие средини.


Таравари информираше дека на полето на инфраструктурни инвестиции, се работи на модерни хируршки сали во ГОБ ,,8 Септември" и во Клиничка болница Тетово, потоа современ ургентен центар и педијатриски центар во Струмица, финализирање на проектот за болницата „Св. Еразмо" во Охрид со отворање во 2026 година, реконструкции на болниците во Велес, Гостивар, Прилеп, Демир Хисар, како и Центарот за цистична фиброза Козле.


„Наш приоритет остануваат КБ Штип и ОБ Кичево, за кои активно работиме на меѓувладин договор со заинтересираните страни. Во однос на легислативни промени, во пролет очекуваме усвојување на новиот закон за лекови, синхронизиран со европските стандарди, а до крајот на 2025 година финализација на законот за медицински средства“, рече министерот.


Здравствените власти посочија дека во соработка со Министерството за  дигитална трансформација, интензивно се работело и на развивање конкретни решенија за модернизација на здравствениот систем, а до пролет очекуваат да има првични резултати и јасна насока за идната дигитализација.

Читайте на 123ru.net