World News in Macedonian

НАТО донесе одлука да го зајакне присуството во Балтичкото Море

Земјите членки на НАТО донесоа одлука за зајакнување на военото присуство на Алијансата во реонот на Балтичкото Море. 


Ваквата одлука е донесена на средбата на постојаните претставници на земјите членки при НАТО посветена на безбедноста на критичната инфраструктура во Балтичкото Море, по оштетувањето на подморските кабли што ги поврзуваат Естонија и Финска на 25 декември. 


Во соопштението од средбата се посочува дека сојузниците изразиле целосна солидарност со Естонија и Финска во врска со овој случај, при што се потсетува дека оштетувањето на каблите, за кое истрага водат финските власти, е еден од бројните неодамнешни инциденти во Балтичкото Море кои се сметаат за можна саботажа. 




„Со цел да се задржи будноста, да се зголеми свесноста за ситуацијата и да се одвратат идни инциденти, Сојузниците, исто така, размислуваат и за други мерки за справување со потенцијалните закани по критичната подводната инфраструктура, вклучително и со поддршката на Поморскиот центар на НАТО за безбедност на критичната подморска инфраструктура, основан во мај оваа година“, се додава во соопштението.


Оваа одлука на воената алијанса беше најавена деновиве и од страна на генералниот сектерат на НАТО, Марк Руте. Тој на платформата X напиша дека разговарал со финскиот претседател Александар Стуб за финската истрага, и ја изразил својата поддршка.


Претходно, вооружените сили на Естонија започнаа поморска операција за заштита на подводниот енергетски кабел Естлинк 1 во Балтичкото Море. Финските власти минатата недела запленија брод што превезувал руска нафта во Балтичкото Море поради сомнение дека еден ден претходно предизвикал прекин на подморскиот кабел за напојување што ги поврзува Финска и Естонија, како и оштетување или прекинување на четири интернет линии.

Читайте на 123ru.net