World News in Macedonian

Труење со храна и производи со поминат рок - најчести пријави од потрошувачите

Потрошувачите во Северна Македонија во 2024 година поднеле вкупно 317 иницијативи за вршење вонреден инспекциски надзор, информираат од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ).


Според статистиките за 2024 година на Одделението за заштита на потрошувачите при АХВ и натаму најчести се пријавите за неодговорно сопствеништво - 36 и за напади и каснувања од куче - 14.


Во однос на храната, предничат иницијативите за сомнеж за труење со храна со 13 пријави, за производи со поминат рок на употреба- 12, за присуство на контаминенти - 8, како и за недоволна хигиена - 7. 


Внатрешниот промет на храна од неживотинско и животинско потекло, од почетокот на 2024 година заклучно со ноември бил покриен со околу 30 000 контроли кај оператори во рамки на редовните, вонредните и реализирани надзори. Како небезбедни се уништени педесеттина тони храна, за отстранување поради утврдени недоследности се издадени околу 2 000 решенија, а изречени се и приближно 300 парични казни.  


„При увоз на храна од неживотинско потекло се реализирани 44 137 инспекциски надзори, а при увоз на производи и материјали кои доаѓаат во контакт со храната, 10 352. Инспекторите за храна на граничните премини како небезбедни, вратиле односно уништиле седум пратки со над 74 тони небезбедна храна од неживотинско потекло“, истакнуваат од АХВ.  




Во однос на здравствената заштита и благосостојбата на животните, нивната идентификација и регистрација, спроведени се над 14 000 инспекциски контроли од страна на официјалните ветеринари. Издадени се 267 решенија за едукација и 136 наредби/забрани за отстранување недостатоци утврдени со контролите.


„Во врска со контролите на официјалните ветеринари на граничните премини при увоз на храна од животинско потекло, добиточна храна и увоз на живи животни, од јануари се спроведени 20 479 надзори од кои 15 431 на пратки за увоз и 5 048 контроли во однос на пратките кои транзитираат низ земјава“, напоменуваат од Агенцијата.


Вкупно 14 од пратките биле небезбедни. Вратени се девет, а се уништени пет пратки од увоз.

Читайте на 123ru.net