World News in Macedonian

Интерпелациите за четворица министри без поддршка, за Даути неизвесно

Имајќи ги предвид актуелните ставови на парламентарните политичките партии од мнозинството и од опозицијата, на собраниската седница закажана за в петок, се очекува отфрлање на четирите интерпелации за актуелни министри поднесени од Европскиот фронт, додека за петтата интерпелација за претседателката на Комисијата за труд Илире Даути, дел од пратениците најавуваат дека утре или задутре ќе го изградат својот став.


Сепак, како што брифираат пратеници, дури и да се изгласа интерпелацијата поднесена од Левица, Европскиот фронт може повторно да ја предложи Даути и таа пак да биде претседателка на истото собраниско тело. 


Според собранискиот Деловник, за интерпелациите дебатата и гласањето ќе бидат поединечни. Ќе дебатираат онолку пратеници колку што се пријавиле, но на крај на денот односно пред полноќ треба да се гласа. Сепак, пратениците се надеваат дека целата дебата би можела да заврши за еден ден.  


Пратеничката група на СДСМ, како што изјави денеска портпаролката на партијата Богданка Кузеска, останува на веќе соопштениот став од почетокот на декември минатата година дека нема да ги поддржи четирите интерпелации поднесени за работата на вицепремиерите Изет Меџити и Иван Стоилковиќ, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и неговиот заменик Астрит Исени од ДУИ. Додека во однос на интерпелацијата за Даути рече дека ставот ќе биде изграден на координација. 




„Остануваме на ставот. Тоа е и одлука на Извршниот одбор на партијата. Нема да ги поддржиме и нема да гласаме за интерпелациите кои што се поднесени од ДУИ. Не се потребни нови поделби по етничка основа. За поднесување на интерпелација потребно е да се видат критериумите и секако сите оние аргументи кои се поврзани со лошото работење на некој министер за да може да бидат тие поднесени и да бидат поддржани. Пратеничката група на координација ќе го усогласи настапот на седницата, изјави портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска.


Пратениците од Левица, кои ја поднесоа интерпелацијата против Илире Даути, како што посочи за МИА Амар Мециновиќ, очекуваат широка поддршка во Парламентот, имајќи предвид дека законот кој таа го блокира е предложен од СДСМ додека ВМРО-ДПМНЕ преку нивната портпаролка Марија Митева најави дека би поддржале нејзина смена.


„Сега топката е кај мнозинството. Ова е клучен чекор за ставање крај на самоволието на пратеничката Даути и кочењето на парламентарните процедури преку кршењето на Деловникот, вели Мециновиќ.


Нивната пратеничка група нема да ги поддржи другите интерпелации поднесени од ДУИ.




Претходно, денеска за интерпелациите во Собранието одговараше и премиерот Христијан Мицкоски кој беше во посета на Штип. Мицкоски рече дека очекува неосновани критики и обид што ќе заврши како неуспешен, напади што ќе поларизираат и ќе поттикнат чувства на меѓуетничка нетолеранција.


„Но, мислам дека тоа ќе биде јалово и неуспешно и овој обид ќе заврши како неуспешен. Очекувам критики кои се неосновани и критики кои немаат никаква врска со реалноста. Но, таква ни е опозицијата во овој момент. Се надевам дека ќе извлече поука, многу скоро програмски ќе се реструктурираат, но и кадровски ќе се освежат, бидејќи таму гледаме некредибилни луѓе. Имаме ние институционална меморија и знаеме што сѐ правеа во минатото, изјави Мицкоски.


Коалицијата Влен ги отфрли интерпелациите за четворицата министри откако тие беа поднесени. 


Претседателот на Собранието, Африм Гаши на последната предновогодишна средба со новинарите информираше дека секоја интерпелација ќе се разгледува посебно и дека може да се дискутира цел ден во зависност од тоа колку пријавени пратеници има за збор. Сепак, додаде тој, на крајот на денот мора да се гласа. 

Читайте на 123ru.net