World News in Macedonian

Собранието формираше Анкетна комисија за четирите трагедии

Со 84 гласа „за“, без воздржани и „против“, Собранието на 3 декември изгласа одлука за формирање Анкетна комисија што ќе ги утврдува околностите и постапувањето на институциите во серија трагедии и несреќи во Северна Македонија.

Комисијата ќе ги опфати настаните во Кочани, пожарот во Модуларната болница во Тетово, несреќата со автобусот на „Беса Транс“ и сообраќајката кај Ласкарци. Иницијативата ја поднесоа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВРЕДИ.

Собранието не ја прифати одделната иницијатива за Анкетна комисија за случувањата во Кочани предложена од СДСМ, Левица и ДУИ, која доби поддршка од само 28 пратеници.

Пратеникот Антонијо Милошоски (ВМРО-ДПМНЕ) образложи дека новата Анкетна комисија има цел да ги утврди сите пропусти што довеле до трагедиите, во кои животите ги загубија вкупно 138 луѓе. Тој посочи дека во сите случаи се забележуваат институционални пропусти и нефункционалност на системот, а добиените наоди ќе бидат проследени до Владата и Јавното обвинителство за евентуално утврдување политичка и кривична одговорност.

Милошоски повика на неселективен пристап и ги охрабри сите пратеници, вклучително и претседателот на СДСМ Венко Филипче, да ја поддржат работата на Комисијата.

Од друга страна, Оливер Спасовски од СДСМ ја образложи потребата од формирањето на одделна Анкетна комисија исклучиво за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани во март 2025 година, истакнувајќи дека ваквото барање доаѓа од родителите на загинатите и од јавноста.

На седницата пратениците го донесоа и огласот за избор на претседател, потпретседател и членови на ДИК, како и повеќе законски измени – меѓу нив измените на законите за правата на заедниците под 20%, за аудиовизуелни услуги, за ДДВ и за претворање јавни давачки во траен влог во ЈП за спортски објекти. Усвоена беше и Среднорочната програма за стоковни резерви за периодот 2026–2030 година.

Читайте на сайте