World News in Macedonian

Владата прогласи седумдневна кризна состојба поради проблемите со набавка на мазут

Владата на Северна Македонија денеска на редовна седница донесе одлука за постоење кризна состојба во снабдувањето со електричната енергија на целата територија на државата.

Одлуката е со траење од седум дена од денот на нејзиното влегување во сила. Донесена е на предлог на Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за управување со кризи.

„Оваа одлука произлегува поради неможноста за набавка на мазут кој е неопходен во делот на производството. Задолжителните резерви на нафтен дериват ќе се отстапат без надомест, а АД ЕСМ за трошењето на нафтениот дериват мазут има обврска да доставува извештај до Владата и до Министерство за финансии“, информира владината прес-служба.

За прогласувањето на кризна состојба реагираше и опозицискиот СДСМ. Од партијата велат дека „криминалните политики со тендери и неспособност во енергетиката се двете единствени причини поради која сите граѓани ќе плаќаат поскапа струја и поради што се воведува кризна состојба“. Опозициската партија обвинува дека ова не е надворешна криза и нема врска со протестите во Грција, туку претставува резултат на криминални тендери, скап увоз на струја и неспособност на власта на Христијан Мицкоски.

„Зошто навремено не се обезбедени енергенси? Зошто во сред зима нема најмалку 300.000 тони јаглен на депонија, како основен услов за сигурно зимско производство? Зошто мазутот не е набавен навреме, туку сега панично се бара решение? Дали постои веќе избрана фирма за снабдување со мазут? Затоа се прогласува кризна состојба и затоа власта удри по џебот на граѓаните“, се вели во партиското соопштение.

Електрани на Северна Македонија ( АД ЕСМ) минатата недела испрати писмо до Владата со барање за прогласување кризна состојба на пазарот со струја. Причината се секојдневните блокади на грчките земјоделци, кои ја комплицираат доставата на енергенти за производство на електрична енергија. Компанијата побара активирање на државните резерви.

На вчерашниот брифинг со новинарите, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска соопшти дека Северна Македонија има резерви на мазут со кои ќе биде снабден ЕСМ.

Читайте на сайте