Почина двегодишното дете кое беше рането од огнено оружје на новогодишната ноќ
Двегодишно дете, тешко повредено од огнено оружје за време на новогодишната ноќ, утрово им подлегна на повредите на Клиниката за детска хирургија во Скопје.
Јавното обвинителство денеска издаде наредба за обдукција на телото на двегодишното дете.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вчера во изјава за медиумите информираше дека за време на новогодишната ноќ се случиле два сериозни инцидента - убиство на турски државјанин со нож во Скопската чаршија, и случајот на тешко повреденото двегодишно дете, кое било во животозагрозувачка состојба примено во Клиничкиот центар-Скопје.
„Има повеќе теории на случај за тоа како е повредено детето. Штом точно ги утврдиме причините за настанување на оваа тешка телесна повреда ќе ја информираме јавноста“, рече Тошковски.
Лекарите вчера, објавувајќи ги податоците за повредените од новогодишната ноќ, го оценија случајот на двегодишно дете со прострелна рана на главата од огнено оружје како тежок.
Повеќе од 50 граѓани побарале помош во скопските клиники вечерта на Нова година. Дежурните екипи оценија дека бројот на повредени за време на новогодишната ноќ е значително зголемен во споредба со претходните години, а дел од случаите се поврзани со пиење алкохол.