World News in Macedonian

Последни два дена од кампањата - в недела повторени избори за градоначалници во четири општини

В недела на 11 јануари ќе се одржат повторени избори за градоначалник во општините Гостивар, Маврово Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа.

Изборната кампања завршува утре (9 јануари) на полноќ, по што започнува изборниот молк до завршување на гласањето на 11 јануари во 19 часот. Според информациите од Државната изборна комисија (ДИК), гласачките ливчиња веќе се печатат и утре заедно со апаратите за биометриска идентификација ќе се дистрибуираат до Општинските изборни комисии а оттаму да бидат подигнати од Избирачките одбори. Во сабота гласаат болните и изнемоштените и лицата во затворите.

Кандидати за градоначалник на Гостивар се Невзат Бејта, од коалицијата ВЛЕН и независниот Ваљбон Лимани поддржан од Националната алијанса за интеграција (НАИ).

Во Врапчиште кандидати за градоначалник се Исен Шабани од НАИ и Зуљхајрат Демири поддржан од група избирачи.

Во Центар Жупа има само еден кандидат за градоначалник и тоа Аријан Ибраим од Демократска партија на Турците.

Во Маврово и Ростуше, пак, има двајца кандидати и тоа Онер Јакупоски, поддржан од Коалиција Твоја Македонија предводена од ВМРО - ДПМНЕ и Анес Ахмети, кандидат на СДСМ.

Избирачкиот список за повтореното гласање е веќе заклучен. Во Гостивар во Избирачкиот список се запишани 82.870 граѓани со право на глас. Во Избирачкиот список за Маврово Ростуше се запишани 10 575 гласачи, за Врапчиште запишани се 27 279 граѓани со право на глас. Бројот на гласачи во Центар Жупа запишани во Избирачкиот список се 7 562 лица.

Според информациите од ДИК, нема никаков интерес за набљудување на повторените избори. До денеска нема пријавено ниту еден набљудувач.

Во Регистарот за медиуми за платено политичко рекламирање пријавени се 32 интернет портали, 13 регионални и национални телевизии и пет радиостаници.

За да се избере градоначалник потребно е за еден од кандидатите да гласаат повеќе половината од излезените избирачи.

Согласно членовите 132, 132а и 133 од Изборниот законик на повторените избори не е потребна излезност од една третина на гласачите туку за да се избере градоначалник треба за еден од кандидатите да гласаат повеќе од половината од излезените избирачи, вклучувајќи ја и Центар Жупа каде што има само еден кандидат.

Изборите за градоначалник во овие четири општини се повторуваат бидејќи на Локалните избори 2025 таму немаше доволен број граѓани излезени на гласање.

Според податоците од Државната изборна комисија (ДИК), во овие општини во првиот круг на 19 октомври не беше постигната законската излезност од најмалку една третина (33,33 проценти) од запишаните гласачи, што е услов за изборите да се сметаат за успешни.

Во Гостивар одѕивот беше 33,31 процент, во Врапчиште – 25,18 проценти, во Маврово и Ростуше – 30,31 процент и во Центар Жупа – 21,49 проценти.

Читайте на сайте