Бурата „Горети“ остави без струја стотици илјади луѓе во Европа
Стотици илјади луѓе во Европа останаа без електрична енергија додека бурата „Горети“ продолжува да го погодува северниот дел од континентот.
Околу 380.000 домови во Франција останаа без струја, главно во регионите Нормандија и Бретања, соопшти снабдувачот со електрична енергија „Енедис“.
Во текот на ноќта, ветар со брзина од околу 150 километри на час беше регистриран во северозападниот француски регион Манш, додека рекордни 213 километри на час имаше во Барфлер.
Во северна Франција училиштата останаа затворени на 9 јануари, додека во 30 други региони беа издадени предупредувања за лоши временски услови.
„Засолнете се и не користете возила“, повикаа француските служби во четврток, повикувајќи ги жителите да се снабдат со вода и да понесат фенерчиња.
Железничкиот оператор SNCF ги прекина услуги помеѓу Париз и регионот Нормандија.
Во Велика Британија, пак, без струја останаа 57.000 домови, откако бурата „Горети“ донесе засилени врнежи со снег.
Се очекува стотици училишта да бидат затворени низ Шкотска и делови од централна Англија, која беше особено погодена од невремето.
Железничките оператори во тој дел од Англија ги предупредија граѓаните да не патуваат, а некои од нивните услуги се суспендирани.
Метеоролозите ги повикаа луѓето да останат во затворен простор, издавајќи предупредувања за лоши временски услови, вклучително и црвено предупредување за ветер за островите Сили и Корнвол во југозападна Англија.
Во Германија неколку региони, вклучувајќи ги и Хамбург и Бремен, објавија дека денеска (петок) се затвораат училиштата.
Германската метеоролошка служба соопшти дека се очекува бурата да трае до сабота, а снежните врнежи да завршат во понеделник.
Суровите временски услови во Европа однесоа најмалку осум животи во последните денови.