World News in Macedonian

Сиљановска-Давкова предложи адвокатка и професорка за членови на Судскиот совет

Адвокатката Сузана Јошевска-Анастасовска и универзитетската професорка Арлинда Кадри-Шахиновиќ се предлози на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова за нови членови на Судскиот совет.

Материјалите, како што објави државната агенција МИА, се доставени до парламентот и се очекува од понеделник да влезат во собраниска процедура.

Сузана Јошевска-Анастасовска е адвокатка позната во јавноста, има повеќегодишна пракса, особено во кривични предмети.

Арлинда Кадри-Шахиновиќ, пак, е професорка со долгогодишна академска кариера на Факултетот за правни и политички науки при ФОН и МИТ Универзитетот, а беше и член на претходната Комисија за помилување што ја формираше претседателката на државата.

Предлогот од Сиљановска-Давкова следува откако на 29 декември беше усвоен новиот Закон за Судски совет во кој се заострени условите за членовите на ова тело односно прецизирани се критериумите што значи „истакнат правник“ кој може да биде предложен за член, како и правилата за дисциплинската одговорност за членовите и за судиите.

Исто така, новото законско решение предвидува и поголема транспарентност во работата на Советот, како на пример, обврска за образложување на одлуките за избор или одговорност односно разрешување на судии итн.

Судскиот совет брои 15 членови од кои осум ги избираат судиите, тројца Собранието, двајца ги предлага претседателот на државата. Останатите двајца се членови по функција – претседателот на Врховниот суд и министерот за правда, но тие се без право на глас.

Двете места што се пополнуваат на предлог од шефот на државата беа испразнети, а Сиљановска-Давкова во годишното обраќање пред пратениците на крајот на 2025 ја услови номинацијата на нови имиња со изгласување на новиот Закон за Судски совет.

Реформите во правосудството, посочи таа пред пратениците, започнуваат со новиот закон кој ги помина филтрите на Венецијанската комисија.

„Иако во правосудната сфера не постои формална одлука за усогласување со европското законодавство, реформите мора да бидат водени од принципи. Мојата одлука да се воздржам од номинација на двајца членови, не беше чин на пасивност, туку на одговорност“, рече Сиљановска-Давкова во говорот на 23 декември.

Новиот Закон за Судски совет беше и обврска што Северна Македонија ја презеде пред Европската Унија преку реформската агенда од Планот за раст. Пратениците го изгласаа законот на 29 декември што беше само два дена пред истекот на грејс-периодот кој беше до крај 2025 година.

Читайте на сайте