Привремено затворање на студентските домови во Иран
Универзитетот во Техеран издаде известување со кое се најавува затворање на сите студентски домови за најмалку 10 дена.
Според новинската агенција Тасним, која е блиска до Корпусот на Исламската револуционерна гарда, затворањето ќе започне во 10 часот наутро на 22 јануари и ќе продолжи до 2 февруари.
Според извештајот на Тасним, од студентите е побарано да ги напуштат своите домови што е можно поскоро.
Студентските домови се едни од главните центри на демонстрантите во текот на изминатите две недели. Овој последен потег, наводно, е спроведен во координација со иранското Министерство за наука и безбедносните агенции.
Американската невладина организација за заштита на човекови права ХРАНА соопшти дека ја потврдила смртта на 490 демонстранти и 48 припадници на безбедносните сили, а повеќе од 10.600 луѓе се уапсени изминативе две недели.
Организацијата NetBlocks објави на 12 јануари дека националното „затемнување“ на интернетот во Иран влезе во својот четврти ден.
Повикувајќи се на своите технички податоци, NetBlocks рече дека долгогодишните истражувања за дигиталната цензура во Иран покажуваат дека граѓаните користат алтернативни решенија за пристап до комуникациите во такви околности.
Исклучувањето на интернетот започна на 8 јануари, што се совпадна со интензивирањето на протестите во бројни ирански градови. Групите за човекови права и активистите за слобода на интернет велат дека целта е да се ограничи ширењето на информации и да се отежни документирањето на потиснувањето на протестите.
Поттикнати од зголемените цени, инфлацијата и паѓањето на валутата, Иранците излегоа на улиците во она што е најголемата закана за исламскиот режим во последниве години.