World News in Macedonian

Кога зимата е сурова, хуманоста стоплува: Помош за бездомниците во Центарот во „Момин поток“

Расте бројот на бездомници во Скопје, кои според проценките на Црвениот крст, ги има околу 500 до 600. Од нив, 160 добиваат помош и поддршка во Центарот за дневен престој на бездомници лица на Црвен Крст.

Центарот кој се наоѓа во Момин поток им нуди на бездомниците оброк, напитоци, облека, лекови, лекарска и психолошка поддршка. Сето ова, веќе 13 години таму го добива и скопјанецот, Таир Даут.

„Направив убава куќа во Железара, но по разводот со сопругата, куќата ѝ ја оставив нејзе. Барем тие да имаат каде да живеат. Јас секако отидов во затвор. Имам две ќерки, едната е во Америка, а другата во Германија. Комуницираме многу слабо, скоро никако“, вели Даут.

Тој за Радио Слободна Европа раскажа како од сопственик на фирма стигнал до тоа да нема каде да живее, па сега деновите ги поминува во гаража.

„Изгубив сè, почнав со некој криминал“, додава Даут кој претходно бил заменик-директор на казино во Гевгелија, по што и самиот почнал да се коцка. Гаражата каде што сега живее, била престудена во зимските месеци кога температурите внатре биле пониски од минусните надвор. Но, со помош на Црвениот крст ја адаптирал и вели дека сега е како соба.

Во меѓувреме, тој завршил обука за фризер и сега ги потстрижува бездомните лица кои доаѓаат во Момин поток.

При екстремно високи или екстремно ниски температури, Центарот ги отвора вратите и на привременото прифатилиште каде овие луѓе може да се сместат и да бидат безбедни. Од нив, најголемиот дел се мажи.

-Секоја година стационарниот дел е на располагање. Најголема побарувачка има во машкото одделение бидејќи бездомништвото во светски рамки е примарно „машки проблем“. Околу 80% од нашите корисници се мажи, а 20% се жени - вели Драгана Лазаревска, координаторка на Центарот за дневен престој за бездомни лица.

Меѓу причините за бездомништвото највисокото „котираат“ зависностите, а жените кои остануваат на улица често се жртви на семејно насилство – додава Драгана.

Центарот во Момин поток бележи дваесетина успешни приказни на интеграција, при кои лицата се вработиле во фирми и никогаш веќе не се вратиле на улица. Овој Центар, Црвениот крст го отвори во 2008 година, кога услугите ги добивале десетина лица.

Читайте на сайте