World News in Macedonian

Правилник за инфлуенсери - онлајн ѕвезди, офлајн контрола

Инфлуенсерите, јутјуберите, влогерите и креаторите на содржини ќе мора јасно да означуваат кога постовите, видеата, рилс-овите или стримовите на социјалните мрежи им се платени реклами или спонзорства. Сите кои постираат на , Инстаграм, ТикТок, Јутјуб и на слични видео-платформи, имаат повеќе 10.000 следбеници или претплатници, објавиле најмалку 24 видеа во годината и заработуваат од тоа, мора да се регистрираат во Регистарот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ).
Така налага Правилникот на АВМУ што стапи на сила од Нова година, а за кој инфлуенсери регираа дека им ја попречува слободата на говорот и им воведува дополнителна давачка која ним не им носи бенефит.
АВМУ, пак, смета дека тие нудат медиумска услуга преку која информираат, образуваат, забавуваат и затоа имаат уредничка одговорност.
Според правилникот, инфлуенсерите треба да не ја заведуваат јавноста, да не се против интересите на потрошувачите, да не нудат содржина која може да им наштети на малолетниците, со посебни знаци да означат за која возрасна група е видеото, видеата да ги направат пристапни и за лицата со попреченост..
Стотина на интернет, само седум во „системот“
Петар Ставрески и Сања Ристиќ Пецаковска се последните двајца инфлуенсери кои во регистарот се регистрирани на 9 јануари. Тие се меѓу седуммината „влезени“ во овој регистар од вкупно стотина, за колку АВМУ проценува дека ги има, кои пласираат аудио-визуелни содржини со кои влијаат врз јавноста.
Се регистрирал и нутриционистот Антонио Велковски, чиј профил на Инстаграм е „Ајде да јадеме“. Иако тој ја исполнил обврската, вели дека Правилникот на АВМУ треба да се смени затоа што ги регулира рекламите како да се на телевизија или на радио - што, според него, е различно од рекламите што ги прават инфлуенсерите.
„Ние секогаш наоѓаме креативни начини да ги рекламираме производите - затоа брендовите и соработуваат со нас. Треба да има контрола што се рекламира, но обврската секое „стори“ да биде обележано дека е реклама ќе ни ја убие креативноста како автори. Најубавите реклами се суптилни и спонтани, а публиката пак знае дека станува збор за реклама“, вели Велковски за Радио Слободна Европа (РСЕ).
Тој посочува дека на социјалните мрежи ја има опцијата „платено партнерство“, има и други опции како тоа да се направи, а да не се задира во слободата на авторот.
Стенд-ап комичарот Душан Петровски вели дека регистрацијата на инфлуенсерите е како „да ти стават водомер или струјомер дома на твое име“ - па на крај и ќе нема некој избор.
„ Јас се сметам за уметник пред сè и не спаѓам во овие групи со американски називи. Доколку ме примат како уметник може би се регистрирал(ова како не може веќе дечко и девојка со државата, мора да се фатите озбилно и да стапите во брак)“, вели Петровски за РСЕ.
Неколку инфлуенсери на социјални мрежи реагираа дека АВМУ им задира во слободата на изразување, им наметнува административни обврски и дополнителни давачки.
„Плаќаме данок од 10 отсто на државата, плаќаме доколку сме ДДВ-обврзници 18 отсто на државата. Платформата Јутјуб наплаќа 40 отсто од приходите плус данок, додека ТикТок и Инстаграм не нудат можност за директна заработка. АВМУ одлучува дека сме медиум и притоа сака да наплати 0,5 отсто, а ние немаме никаков бенефит од нив“, напиша јутјуберот Стефан Лазаров.
Миа Костова напиша дека „инфлуенсери кои тоа го работат како примарна професија работат со брендови и компании кои не исплаќаат пари во плик, плаќаат со договори и персоналниот данок е платен од страна на компанијата преку маркетинг агенција или лично“.
Нутриционистот Велковски најави дека ќе поднесе претставка до АВМУ, затоа што смета дека многу работи се недоречени, недефинирани и оттука е отпорот.
На 100.000 евра годишен профит, 500 евра за АВМУ
Откако ќе се регистрираат, АВМУ ќе прави надзор дали се почитува Правилникот, а за ова инфлуенсерите ќе ѝ плаќаат надомест за надзор во висина од 0,5% од вкупниот годишен приход што го оствариле во претходната календарска година.
Надзорот е за тоа дали се почитуваат обврските за заштита на малолетниците, дали се означуваат спонзорствата и рекламите, дали има говор на омраза, дискриминација, дали транспарентно се објавени сопственоста и начинот на финансирање
Извештајот за износот на вкупниот приход инфлуенсер(к)ите мора да го достават до АВМУ најдоцна до 15 март во тековната година.
Надоместокот се плаќа најдоцна до 15 април.
На пример, на 100.000 евра годишен приход, инфлуенсерите ќе треба да платат 500 евра за надзорот од АВМУ.
Или, 100 евра доколку имале 20.000 евра во годината.
Зоран Трајчевски, директор на АВМУ, за РСЕ рече дека ќе почекаат до средина на март, кога инфлуенсерите треба да ги достават годишните сметки за 2025 врз основа на кои треба да се пресмета надоместот за надзор.
Тие кои нема да се регистрираат ќе плаќаат казни кои се движат меѓу 250 и 500 евра.
„Нашиот став е јасен, се усогласуваме со европските директиви за аудиовозуелни услуги и со подзаконските акти изработени од германски експерти“, изјави Трајчевски.
Надоместот од 0,5 отсто постои и за останатите кои се предмет на регулација, како на пример кабелските оператори, уште од донесувањето на законот за аудио и аудио визуелни медиумски услуги во 2013 година.
Со измените на овој закон во 2023 година, Агенцијата како регулаторно тело стана надлежна за и платформите за споделување видеа – Фејсбук, Јутјуб, Тик-Ток.
„Да се биде креатор/ка на содржина не е само фотографирање, снимање и објавување содржина која некому ќе му донесе информација, забава или едукација, туку претставува и позиција на моќ да се изврши влијание и затоа е неопходно разбирање и почитување на одговорноста што таа моќ ја носи“, пишува во Правилникот.
Инфлуенсерите стануваат најмоќниот медиум кај младите. Според истражување на Европската комисија за социјални медиуми во 2025 година, 37 отсто од Европејците редовно следат инфлуенсери, а кај младите на возраст од 15 до 24 години — дури 74 отсто.

Студијата открива дека во речиси 60% од содржините што ги објавуваат политичките инфлуенсери не може јасно да се разликува факт од мислење, што создава ризик од манипулација.
Закони во повеќе држави - публиката не смее да биде доведена во заблуда
Во Европа не постои унифициран закон за контрола и регулација на инфлуенсерите. Различни земји тоа го прават со различни закони, а целта е иста - граѓаните да не бидат изманипулирани или измамени.
Најнов е случајот со италијанската модна инфлуенсерка Кјара Ферањи, која беше обвинета дека ги доведувала потрошувачите во заблуда промовирајќи продажба на лимитирано издание на колачот „пандоро“ и на велигденски јајца. Според кампањата, зголемената цена требало директно да оди за хуманитарни цели.
Пред десетина дена таа беше ослободена од обвиненијата. Но, поради овој случај Владата на премиерката Џорџа Мелони претстави таканаречен „Ферањи закон“, со кој се таргетираат инфлуенсерите за кои постои сомнеж дека ја доведуваат во заблуда својата публика преку нејасни маркетиншки промоции.
Во Кина, од лани има закон за инфлуенсери според кој секој што зборува за чувствителни теми - медицина, право, образование или финансии треба да има диплома, сертификат или професионална лиценца во тие области.
Целта на политиката е да се обезбеди онлајн публиката да добие сигурни професионални совети од квалификувани лица, со што ќе се заштитат корисниците од неточни или погрешни информации.
Франција во 2023 година донесе закон за да ги заштити потрошувачите од погрешни или лажни производи или штетни трговски практики што се среќаваат онлајн. Тамошните инфлуенсери можат да бидат осудени на затвор ако се утврди дека го прекршиле законот.
Франција е и меѓу земјите кои изгласаа забрана на користењето на социјалните медиуми за деца под 15 години.

Читайте на сайте