World News in Macedonian

Обвинителството во Северна Македонија оформило предмет за петте тони марихуана запленети во Србија

Обвинителството во Северна Македонија има оформено предмет во врска со запленетите пет тони марихуана во Србија, за којашто српските медиуми првично информираа дека била набавена од македонска територија.

„Обвинителството има оформено предмет и веќе се преземаат конкретни, насочени и координирани дејствија за целосно утврдување на сите факти и околности за поврзаноста на Република Северна Македонија со овој случај, со цел обезбедување целосна кривично-правна одговорност“, велат од Обвинителството за Радио Слободна Европа (РСЕ).

Оттаму посочуваат дека уште во петокот (30 јануари) биле навремено и целосно информирани за акцијата во Србија и „без одлагање презеле активности во рамки на законските надлежности“.

„Веднаш е воспоставена интензивна и континуирана комуникација со надлежните органи на Република Србија, со активна размена на релевантни информации и координација на дејствијата, со цел целосно и сеопфатно откривање на сите инволвирани лица и евентуални организирани структури поврзани со случајот на заплена на пет тони марихуана“, наведува Обвинителството во одговорот до РСЕ.

Претходно од Министерството за внатрешни работи на Северна Македонија кратко посочија дека се преземаат „соодветни оперативно технички мерки и активности согласно полициските овластувања“.

Петте тони марихуана беа запленети на 29 јануари во регионот на селото Коњух кај Крушевац, централна Србија.

Српската полиција ја оцени заплената како најголема во историјата на земјата, а вредноста на наркотикот се проценува на седум до десет милиони евра.

Вишиот суд во Белград одреди притвор за три лица.

Српското обвинителство предложи издавање налог за апсење, вклучително и меѓународен, за осомничениот Александар Мијајловиќ, кој е означен како организатор на организирана криминална група и е во бегство.

Меѓу опфатените во истрагата е и лице со иницијали И.Д., кое, како што беше посочено во медиумските извештаи, е косопственик на компанијата „Алфафарм“ во скопскиот регион, која е регистрирана за производство и преработка на медицински канабис.

Читайте на сайте