Обвинителството им забрани на две фирми да вршат ископ кај струшките извори за вода во Шум
Основното јавно обвинителство Струга предложи определување мерки на претпазливост - забрани на две фирми од Велешта да ги посетуваат парцелите во селото Шум каде вршеле ископ и забрана да преземаат какви било работни активности на подрачјето.
Како што се наведува во соопштението, преземајќи истражни дејствија по наредба на Основното јавно обвинителство Струга за испитување на причините за загадувањето на водата од извориштето во селото Шум, истражните органи затекнале работни машини на две компании од Велешта кои вршеле кршење, ископ и транспорт на карпи во поголем обем во непосредна близина на изворите.
Поради сомненија за кривичните дела за незаконска експлоатација на минерални суровини и загадување на водата за пиење, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка веднаш доставил предлог за забрани на фирмите да ги посетуваат парцелите.
„ОЈО Струга продолжува да презема дејствија за обезбедување докази и испитување на евентуална кривична одговорност во однос на енормното загадување на изворите во Шум од каде подрачјето на градот Струга се снабдува со вода за пиење“, се додава во соопштението.
На 13 февруари, ОЈО Струга оформи предмет по информациите за енормно загадување на водата за пиење и за основни животни потреби на подрачјето на градот, со цел да се испитаат причините и евентуално сторени кривични дела против животната средина и природата.
Водата од струшкиот водовод од неделата е забранета за секаква употреба поради многу висока заматеност во изворот Шум и низ сите мерни места низ градот. Мострите земени на 9 февруари покажале 28,56 проценти матност, соопштија од Институтот за јавно здравје во Охрид.
Oд струшкото јавно претпријатие „Водовод и Канализација“ известија дека водата во градот Струга и околината не е чиста и до наредното известување не треба да се користи за пиење или други потреби.