World News in Macedonian

Мицкоски: Има доволно нафта, Владата ќе интервенира ако цените нагло пораснат

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека во земјава има доволно нафта и нафтени деривати и ги повика граѓаните да бидат спокојни, додавајќи дека Владата ќе интервенира доколку дојде до драматичен раст на цените.

Одговарајќи на новинарски прашања по поставувањето камен-темелник на новиот кампус на Универзитет „Мајка Тереза“, премиерот рече дека Владата имала состанок со поголемите дистрибутери на нафта и дека заеднички било констатирано дека има доволни количини на пазарот. Според него, цените на горивата во земјава се значително пониски од оние во соседството.

„Ако литар гориво во Србија е околу 120 денари, кај нас е околу 70 денари. Слично е и ако се спореди со Косово и Албанија. Доколку има драматичен скок на цените, Владата веднаш ќе интервенира, можеби со намалување на акцизата или ДДВ“, изјави Мицкоски.

Тој нагласи дека инфлацијата и трошоците за живот во јануари се на ниво од 3,1 отсто и очекува тие да се стабилизираат под три проценти во февруари. Воедно порача дека институциите ќе реагираат на евентуално нефер однесување на маркетите, најавувајќи измени на законите и значително зголемување на глобите.

Премиерот потврди дека имало информации за наводни ограничувања за точење гориво на некои бензински пумпи по 22 часот, но посочи дека инспекциските служби се на терен и дека секое незаконско однесување ќе биде санкционирано.

Според него, државните резерви на нафта и нафтени деривати изнесуваат над 62 дена од просечната дневна потрошувачка и се на историски највисоко ниво. Додаде дека постои методологија со која постепено ќе се достигне законската цел од 90 дена резерви.

Мицкоски рече и дека Владата внимателно ја следи состојбата со кризата на Блискиот Исток и дека постои можност за нов инфлаторен притисок доколку таа потрае, но дека институциите ќе реагираат согласно развојот на настаните.

Читайте на сайте