Москва: убиството на амбасадорот на РФ во Анкара е терористички чин
Русија го квалификува убиството на амбасадорот на РФ во Турција Андреј Карлов како терористички акт, соопшти во понеделникот портпаролот на МНР РФ Марија Захарова, пренесува ТАСС.
Извор: рускиот амбасадор во Анкара почина по атентатот
„Го квалификуваме настанот како терористички акт, се наоѓаме во врска со турските официјални лица, од кои добивме уверување дека ќе биде спроведена детална сеопфатна истрага. Убијците ќе бидат казнети. Денеска ова прашање ќе биде поставено пред членките на СБ ООН“, изјави Захарова.
„Тероризмот нема да помине, одлучно ќе се бориме против него. Во нашите срца засекогаш ќе остане сеќавањето за истакнатиот руски дипломат, човек кој направи навистина многу за спротивставување на тероризмот на својата дипломатска функција, Андреј Генадјевич Карлов. Вечерва Министерството за надворешни работи на Руската Федерација ќе даде соодветна изјава која ќе биде објавена“, додаде таа.