World News in Macedonian

Европските министри му се спротиставија на Трамп

Министрите за надворешни работи на земјите членки на Европската унија денеска се дистанцираа од изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп дека ЕУ и САД се непријатели. Шефот на германската дипломатија Хајко Мас истакна дека Европа денес не може да се потпре на Трамп откако тој ја нарече ЕУ „непријател“ на САД во трговската сфера.


"Не можеме повеќе целосно да се потпреме на Белата куќа. Ние мораме да го прилагодиме партнерството со САД, а и повеќе да се усогласиме во Европа"наведе Мас.


Во меѓувреме и австриската министерка за надворешни работи Карин Кнајсел истакна дека Австрија сигурно не гледа непријател во САД, а исто така и ЕУ. И шефот на луксембуршката дипломатија Жан Аселборн упати критика до Трамп.


"Се надевам дека додека играше голф во Шкодска каде воздухот е свеж, успеал мешто појасно да ги согледа категориите кој е непријател, а кој не е непријател. Ако Русија и Кина се конкуренти на САД, а Русија непријател тогаш тука има некаков проблем.Се надевам дека светот во главата на Трамп не е целосно извитоперен," изјави Аселборн.


Претходнo и првиот човек на Европскиот совет Доналд Туск преку Твитер му порача на Трамп дека САД и ЕУ се најдобри пријатели.


“Америка и ЕУ се најдобри пријатели. Тој што вели дека сме непријатели шири лажни вести”, напиша Туск на неговиот профил на Твитер.


Трамп подолго време ја критикува Европската унија, како поради нејзините мигрантски политики, така и поради трговските односи со САД, а го поддржа и излегувањето на Велика Британија од ЕУ.

Читайте на сайте