World News in Macedonian

Лондон против промена на границите на Балканот

Велика Британија смета дека повиците за промена на границите на Балканот можат да донесат нестабилност во регионот, соопшти денеска Британската амбасада во Приштина. 


„Веруваме дека повиците за промена на националните граници може да доведат до дестабилизација“, се нагласува во одговорот на Амбасадата до Радио Слободна Европа - програма на албански јазик. 


Во дописот на Амбасадата се истакнува дека британската Влада поддржува нормализација на односите меѓу Белград и Приштина, за кои смета дека се од витално значење за безбедноста, стабилноста и просперитетот на двете земји и на регионот во целина. 


Последниве денови и од Белград и од Приштина се промовираат идеи за поделба на Косово, за размена на територии или за корекција на границата, како дел од процесот за нормализација на односите меѓу Србија и Косово.


Вчера и американскиот Стејт департмент ги повика Белград и Приштина да покажат далековидост и флексибилност за да дојдат до договор што ќе биде применлив, одржлив и нема да создава нестабилност во ниту една од двете земји или во регионот. 

Читайте на сайте