World News in Macedonian

Владата ги осуди заканите и повиците за насилство врз новинари

Срамни и неприфатливи се заканите и повиците полни со омраза кои доаѓаат од новинарот Цветин Чилиманов кој отворено наведува да биде нападната негова колешка, реагираа од Владата преку соопштение до јавноста.


„И во оваа прилика потсетуваме на ставот на Владата на Република Македонија: нула толеранција за било какви закани, уцени врз новинарите и медиумските работници и за било каков обид за загрозување на слободата на говорот и изразувањето“, се вели во соопштението.


Од владата апелираат до медиумите, новинарските асоцијации и другите институции во државата, а особено обвинителството и судовите, да постапуваат максимално брзо и професионално во случај на каков било обид за напад или закана против медиумските работници.


Во меѓувреме медиумите јавуваат дека новинарот Цветин Чилиманов е суспендиран од работното место и тој има рок од три дена, односно до понеделник, да се изјасни во врска со суспензијата. Чилиманов пред два дена преку својот твитер профил цитираше статус на дописничката на Фајненшл Тајмс, Валери Хопкинс, притоа повикувајќи на насилство врз неговата колешка.

Читайте на сайте